Saturday, May 08, 2010

Кои се факторите кои влијаат на височината на платата на програмерите во Македонија

Да се подигнеме 50 метри над дискусиите дека платите се ниски и -- од птичја перспектива -- да се обидеме да разбереме зошто се платите на програмерите во Македонија мали, споредено со оние во, на пример, Западна Европа.

Значи, кои се факторите кои влијаат на височината на платата на програмерите?
1. Трудот е стока, подложна на законите на понуда и побарувачка -- колку поголема понуда на програмери, толку пониска цена на нивниот труд.
Ако почнеме со аксиомата: подобар квалитет == поголема плата, и тврдењето дека платите се ниски, тогаш произлегува дека најголема понуда на програмерскиот пазар на труд во Македонија има во ниско-квалитетниот сегмент, т.е. помалку искусни или недоволно способни програмери.

2. Натаму, фактор е и големината на македонскиот пазар и можноста за извоз на софтвер или труд (значи, не гастарбајтерисување, туку работа од Македонија).
Зошто? Од истата пазарна логика како погоре, произлегува дека на нашиот пазар има поголема понуда на софтвер одошто е побарувачката, што предизвикува ниски цени.
Значи, ако софтверот се продава евтино, работодавецот може да дава плати кои се во сооднос со постигнатата цена - а таа е ниска.

3. Зошто е софтверот евтин?
Прво, заради неквалитет. Често се случува тој да се „продава“ преку непазарни методи, сива економија, корумпиран процес на понуда/продажба, „ова е наше дете“, итн.
Честопати го изработуваат непрофесионалци, на кои тоа им е повеќе хоби и дополнување на некоја друга дејност, кои не вложуваат во контрола на квалитетот, развој и употреба на нови технологии (Clipper, anyone?), а најмалку во поддршка на корисниците. На овие, тоа ја прави „производната цена“ ниска и конкурентна (иако нелојално), споредено со компаниите кои работат професионално и одговорно -- што им ја поткренува цената на чинење. Поткрената цена на чинење == помал фонд за плати.

Овој софтвер, со релативно низок квалитет, тешко и се извезува/продава на странските пазари, каде што би имал поголема шанса за повисока цена, но таму има голема конкуренција и понуда на квалитетни апликации, со кои не може да се натпреварува.
Внимание, зборувам за неквалитетен софтвер, бидејќи, фала богу, кај нас има и компании кои успешно работат со странски клиенти по „западни“ цени. (shameless plug: и мојата компанија со години наназад извезува софтвер).

Уште еден фактор е перцепцијата на тоа колку треба да чини една професионална апликација, особено кај менаџерите на компаниите-корисници. Ако 20 години наназад, а сеуште е така, бесплатно (но илегално) можете да набавите било каков лиценциран софтвер (нпр. Windows и разни други апликации), јавноста нема чувство дека во домашно произведениот софтвер се вложени голем труд, време и пари.
Самите сме си виновни за ова -- мислам на нас, IT професионалците -- кои со години си ја сечеме гранката на која седиме со инсталирање на „пиратски“ верзии на лиценциран софтвер.

4. Општата состојба на стопанството во Македонија.
Просечната нето плата во нашата држава е нешто малку над 20.000 денари. Објективно, тоа е малку, но исто така е одраз на општото „здравје“ на стопанството, кое е болно, пред умирачка. Високи камати, лихварски банкарски систем, недостаток на капитал, ниска продуктивност, огромна администрација, корупција на која можат да ни позавидат и Грците ...
Не може да се очекува дека една, релативно мала, стопанска гранка каква што е производството на апликативен софтвер ќе може да отскокне којзнае колку, особено ако се земат предвид претходно изложените фактори.

Ова е само мал пресек од факторите, немам ниту време, ниту намера, да правам „докторска дисертација“ од ова, но се надевам дека барем загребав по површината на состојбите.

Јас можам да заклучам дека не се секогаш виновни „газдите“, т.е. работодавците за ниското ниво на платите на програмерите. Работата е многу покомплексна одошто изгледа на прв поглед.

No comments:

Post a Comment