Wednesday, April 28, 2010

Катастрофата со здравствената картичка

Со својот „маќејски“ однос (во недостаток на подобар збор) кон сопствените граѓани и домашните ИТ компании, оваа влада направи уште еден престап со изборот на компанијата која ќе го изведува системот за „здравствената електронска картичка“ (можеби овој израз не е баш точен, но мислам дека знаете на што мислам).

Избрана е некаква хрватска фирма која наводно ќе го изведе проектот. Македонските компании, со самите услови на тендерот, однапред беа исклучени. Ај, да речеме дека до тука и можам да разберам - имале хрвативе искуство (иако не знаеме колкаво, ама белким провериле овие нашиве). За тоа подоцна.


Но, најголемиот престап е во тоа што за додатни 3-4 милиони евра хрватската фирма треба да ги испорача и *клиентските апликации* - оние кои ќе ги користат здравствените организации и сите други кои ќе бидат поврзани на централниот систем.
Ова има неколку **огромни** неоправдани дупки, како што ќе ви објасни секој аналитичар на податоци и познавач на enterprise начинот на работење во информатиката (во кои скромно се вбројувам).

Како што знаеме, логично е да се подели работата на back-end и клиент (или front-end). Тоа е и направено, но протоколот за размена на податоци останува proprietary, т.е. го знае само хрватскиот изведувач. Со ова се исклучени надворешни добавувачи на клиентски софтвер. Што сме добиле?
* Прво, зависиме од странска компанија и од нејзиниот протокол за комуникации.
* Второ, нема конкурентност за подобрување на квалитетот на клиентските апликации.
* Трето (поврзано со претходното), со овој потег директно се „закопуваат“ најмалку пет-шест домашни компании кои вложувале години труд и знаење во развој на клиентски апликации.
* Четврто, нема шанса никој на светов да ме убеди дека приказната со инсталација, одржување и обука за клиентските апликации ќе заврши добро. Хрватите се во Хрватска, ние сме овде, 700 километри од нив. И сега, кога на дежурната медицинска сестра од трета смена во Свирипичино ќе ѝ се заглави апликацијата и ќе нема кому да се јави за да ѝ помогне, па пациентот ќе мора да плати од џеб.
Бајката дека ќе отвореле овде претставништво за локален help-desk, знаеме како ќе заврши: тоа ќе биде revolving-door фирма без вистинска експертиза, во која ќе се преметнуваат програмерчиња во нивната потрага по 50 евра поголема плата, а за неколку години, кога хрватите ќе ги потрошат добиените милиони на нови Поршеа, едноставно ќе ја затворат. И ние (мислам цела држава) ќе останеме насукани.
Не ме терајте да ви набројам неколку примери на вакви случувања кај нас (на пример, во банкарската бранша).
* Петто, one-time стратегијата за купување на апликација, без план за оддржливост и создавање на локално обезбеден развоен план, е еднакво на краткорочност и импотентност на проектот. Министерството за здравство *мора* да создаде сопствен тим и стратегија за одржување и развој на заднинската апликација во следниве 20 години.

Ова не е сѐ, но барем ја загребав површината на ова следно фијаско во информатизацијата на македонската држава. Какви грци! Доволни сме си самите на себе.

4 comments:

  1. Јас би се запрашал: а зошто воопшто клиентски апликации? Зошто системот да не се направи како веб апликација? Така ем ќе е спремен за работа насекаде и од секого, ем ќе работи на секој оперативен систем и секој тип компјутер/лаптоп/PDA/смартфон/таблет/whatever, ем нема трошоци за инсталација и одржување, ем автоматски се пропагираат сите нови верзии и модули до сите корисници, и слично...

    ReplyDelete
  2. Иако web апликација изгледа како логично решение, во овој случај сепак не е.

    Едноставно, не може да се гарантира дека клиентските компјутери во секое време ќе имаат достап до серверот. Да се потсетиме, „муштериите“ на здравствените организации најчесто се болни луѓе, кои не можат да чекаат да се воспостави врска или да дојдат утре. Затоа, сите податоци мораат да се „кешираат“ локално, па во погодно време да се синхронизираат и разменуваат со серверот.

    БТЊ, слична ситуација имаме и во малопродажните објекти, каде што POS-терминалите мораат да бидат во состојба да работат независно од серверот за да не се дозволи да биде прекината продажбата.

    ReplyDelete
  3. Можам да ја разберам потребата од робустност на системот и можноста стабилно да работи во дуален режим (со и без сервер). И јас пред години сум имал слични грижи, баш со ПОС терминали и магацини.

    Сепак, денес да очекуваш дека ќе снемува интернет е исто како пред години да снемало струја или телефон, така? Или можда Америве премногу ме размазиле? :-)

    Енивеј, јас би размислувал во правец да се осигурам дека ќе има: струја, интернет, исправен компјутер и човек кој ќе (знае да) работи на него. Подобро така отколку да ја дизајнирам архитектурата на системот според пониски стандарди.

    Ако сеуште изгледа неверојатно ова што го тврдам, еве споредба: ако за пад на струја кај критични системи обезбедуваш УПС или автоматски генератори, за пад на линк обезбедуваш втор линк од друг провајдер. Двата линка ќе бидат „осигурени“ со договори за uptime, кои ќе дефинираат и високи пеналии ако линкот е под бараниот квалитет. Освен тоа, те убедувам дека пад на линк се решава побрзо отколку компјутер на кој се „вежбал“ синот од докторката, додека ја чекал да заврши со работа, па да си одат дома. ;-)

    Извини што малку ја занесувам поентата на твојата дискусија, но мојата поента е дека, ако веќе се планирала, архитектурата на системот можела да биде решена и сосем поинаку, на начин кој можеби изгледа радикално, но кој ќе се оправда себеси и од старт, преку помалата инвестиција, но и на долг рок, преку помалите трошоци за одржување, развој, обука, безбедност и слично. Гледам дека и на сајтот од твојата фирма наведувате причини зошто веб апликациите се во предност пред конвенционалните десктоп и клиент/сервер модели, па оттука знам и дека се разбираме без потреба од подолги елаборации.

    ReplyDelete
  4. Те размазиле америте :)

    Да, имаш право, web пристап веројатно би работел -- впрочем, сите аптеки во Македонија, по наредба на ФЗО, мораат да имаат интернет достап, и досега тоа функционира. Веројатно би можело нешто слично да се стори и со здравствените организации...

    Инаку, потполно си во право и кога велиш дека сме на иста страна -- јас сум пропонент на web-апликации, до таму што комплетната понуда на мојата компанија е исклучиво на ваков вид на софтвер.

    ReplyDelete