Saturday, August 28, 2010

Што правев во осумдесеттите

Инспириран од еден напис на it.com.mk, решив да направам една мини-ретроспектива на тоа што правевме во 80-тите години од минатиот век (ух, ова звучи многу одамна).
Осумдесеттите беа многу значајни години за живеењеето во поранешната држава, а особено за нас, тогаш младите. Се случуваа многу промени, социјални, општествени и културолошки.
Веќе се наѕираа првите пукнатини во државното уредување, а економијата почна да оди надолу, и тоа со полна брзина. Анте Марковиќ беше десет години далеку во иднината.

Но тоа нас не нѐ интересираше. Тоа беа годините на „Новиот бран“ во музиката, како во Југославија, така и во светот.
Магично време. Еден од најдобрите прикази на начинот на кој се живееше е документарецот „Среќно дете“ на авторот Игор Мирковиќ. Препорачано, особено ако сакате да се потсетите на „добрите стари времиња“.



Се случуваа промени и во информатиката. Првите масовно продавани домашни компјутери имаа огромен успех. Sinclair ZX Spectrum и Commodore 64 станаа секојдневие дури и во нашата земја, и покрај големите брани на увозот кои ги поставуваше тогашната власт.
Не само ние гиковите, туку и пошироката јавност стана свесна за новите можности на малите машини. Почна новата ера.

Јас, свежо вратен од војска, влетав право во средината на сето тоа. Беше брзо, динамично, постојано ново. Еве го мојот кус преглед на тогашното живеење.

  • Во 80-тите години слушавме радио затоа што имаше што да се слушне (Dire Straits, Azra, Prljavo Kazaliste, EKV, Idoli, The Clash, Men at Work, Cars, Phil Collins ...)
  • Во 80-тите висевме пред „Југотон“ во ГТЦ за да ги дочекаме новите плочи, кои потоа ги слушавме во друштво, на мојата нова „Тоска 20“. Подобро беше кај другар ми Жиле (сега жител на Канада), кој за Нова година (само не се сеќавам која) доби HSR - рисивер произведен во Ei-Ниш, со огромни звучници и потполно изобличен звук (само што тогаш тоа не нѝ беше важно).
  • Во 80-тите „искачавме пред Ванила“, одевме во кино „Вардар“, „Култура“ да ги гледаме „Брилијантин“ и „Алиен“, и во „Напредок“ да гледаме „Хопа-цупа у кревету“ :).
  • Во 80-тите години го основавме „Шеесет-и-тројка“, одевме во „Алпино“, пуштав музика во дворчето на „25 мај“ (она што денес е „Хард-Рок“), а главен фраер беше еден кому вујко му одна Гери, Индијана (САД), му испратил вокмен, па се шеташе наоколу со слушалките на уши и кога треба и кога не треба (среќа, не го прегази некоја кола).
  • Во 80-тите години, кога ќе слушневме некоја песна, го фаќавме девојчето за рака, тивко, на увце ѝ ја потпевнувавме мелодијата и ... ахем ... водевме љубов. (Денес - осамени висите на Интернет и веднаш дознавате кој е семплинг рејтот и фреквенцијата на енкодингот на песната.)
  • Во 1980, со другар ми Гого, го залемивме првиот Sinclair ZX80, кој тогаш се продаваше исклучиво во кит. 1KB RAM, Z80 процесор.
  • Во 1981, го купив ZX81, ама веднаш му долемив 16KB RAM (да се знае која куќа мрсно јаде :) )
  • Научив асемблер на Z80, го пишував кодот на парче хартија, а потоа директно, во хекс-код, со poke го впишував во меморија.
  • Во 1982 го купив ZX Spectrum. Во боја! Со касети! Manic Miner, Jet Set Willy! Асемблерот многу ми се подобри. Првата видео игра, во source код, ми беше објавена во „Млад борец“ (фала, Томи Османли).
  • Во 1983, на „Радио Урнебес“ пуштавме програми и игри за да можат слушателите да ги снимат и да си ги пуштаат на своите компјутери. Љупчо Димитровски, Емин Унѓел, Драган Б. Костиќ, Љупчо Јолевски, лудаците од „Драмски“ ....
  • Истата година, на факултет научив да програмирам во Burroughs асемблер, работев на Iskra Delta Partner (CPM-80) и ги добив првите поголеми пари за изработен софтвер (middleware за ПТТ), а богами, напишав и програми за неколку докторски дисертации на моите професори (воглавно статистички обработки)
  • Во 1985, од Словенија го порачав првиот IBM XT, со 640 kb RAM (кои, нели, би требало да му бидат доволни секому). Асемблер, Basic, нешто малку Паскал.
  • Во 1986 се вработив и добив 5-6 DEC VAX машини „под команда“. До крајот на годината научив асемблер и ... COBOL (што да правам). Оперативниот систем беше дериват на Unix System V.
  • Во 1987 станав главен систем-администратор на cluster од 18 VAX-ови.
  • Во 1989 година го основавме „Инфопроект“, со мојот колега Бранко Зафировски. Останатото е историја, како што велат.

3 comments: