Иако и претходно пишував за тоа како треба да се однесувате кога барате вработување, изгледа дека младите информатичари слабо стојат со вештините за пишување на есеи (иако е поважно одлично да стојат со вештините за пишување на софтвер, нели).
Пред три дена, кај нас на интервју дојде една млада девојка која бара работа, па во главава сеуште ми е свеж разговорот со неа.
Советиве се повеќе за млади информатичари, но мислам дека ќе помогнат секому.
Мотивационо писмо. Ова, особено за млади луѓе, е најважниот дел од пријавата за вработување, од проста причина што немаат којзнае што да напишат во своето CV -- бидејќи немаат доволно искуство.
Сум се изнагледал лошо преведени писма, обично преземени од првиот или вториот резултат по пребарување на Google. Премногу се општи, полни со празни фрази и не кажуваат ништо за тој што аплицира.
Напротив -- мотивационото писмо мора да биде искрено, да ја одрази вашата желба за работа, да го опише вашиот карактер, вашите идеи и планови. Мора да се наѕира личноста на тој што пишува.
Многу е важно во писмото да се биде конкретен, да се наведе што точно сакаш да работиш. Не е доволно да се каже дека сакаш да бидеш вработен (сите апликанти сакаат, нормално).
Секое работно место има свои конкретни потреби: програмер на одреден програмски јазик (или јазици), систем-администратор, сервисер, мрежен администратор, инсталатер, итн. Во писмото треба да се наведе зошто мислиш дека токму ти одговараш на барањето.
На пример:
[...]... и така натаму. Пишувајте го писмото како да е единствено и специјално само за местото за кое аплицирате (иако веројатно ќе се пријавувате на повеќе различни огласи). Не заборавајте да ги измените работите кои се специфични за компанијата во која се пријавувате.
Бидејќи вашата компанија, според она што го видов на сајтот [или: она по што е добро позната -- фали ги малку], изработува апликации со употреба на JavaScript, PHP и MySQL, сметам дека одлично можам да се вклопам во тимот.
Имено, веќе извесно време, самостојно [или ако имаш искуство, уште подобро, наведи] програмирам токму во овие технологии и имам извесно искуство и вештина. [Одлично би било ако имаш некое он-лајн портфолио, нешто што си изработил] Би сакал/а да погледнете пример од мето работење на следниве адреси: ...
Мојата желба е да програмирам, да се здобивам со искуство, да сретнам нови луѓе. Сакам да контактирам со корисници, да дознавам за нивните проблеми и за тоа како да ги решам. Лесно и брзо можам да се прилагодам на тимска работа, и заедно со моите колеги да придонесам за успехот на компанијата.
Работното време не е многу важно, важно е да се заврши зададената задача, квалитетно и во рок. И самиот честопати знам да „заглавам“ до доцна во ноќта решавајќи некаков проблем. Програмите мораат да изгледаат перфектно, да работат без грешки и корисниците да бидат задоволни од нив.
Доколку сметате дека е потребно, подготвен сум и на одреден пробен рок на работење, во кој ќе можам да докажам дека би бил вреден додаток на вашиот тим. Сигурен сум дека за кратко време ќе видите дека не можете да ме одбиете.
[...]
Не се пријавувајте на место за кое немате особени вештини или интерес (на пример, за администратор на бази, а немате поим освен неколку sql наредби во бледо сеќавање).
Секако, има огласи кои нудат обука и дообразување за специфични вештини -- тоа подразбира дека не мора да бидете експерт во областа, и тука пријавете се.
Но, ако промашите во основните услови, а некако изблефирате да ве примат, само ќе си го изгубите времето, а и времето на вработувачот. Никој нема да биде задоволен од вашите перформанси -- ни вие самите, и вработувањето ќе заврши несреќно и, можеби најважно, без можност да добиете поволно писмо со препорака за следниот работодавец.
Овие писма со препораки се важни -- ние во индустријата (воглавно) се познаваме меѓусебно и си веруваме. Ако во препораката не ве фалат баш многу -- не сум сигурен дека ќе влезете во потесен избор. Не мора ни да има писмо, често е доволен еден телефонски повик до вашиот претходен директор и да се дознае сѐ за вас.
Кариерата се гради од првиот ден на првото вработување, и сите грешки ќе ве прогонуваат понатаму, можеби во целиот работен век. Бидете умни.
За крај, и ова: многу помага ако апликацијата -- писмото се напишани на убав јазик, без граматички грешки и со добар стил. Ако не сте баш јаки во оваа област, најдете некој пријател кој е повешт и кој ќе ви го редактира пишувањето.
Писменоста е важен дел од секоја личност, и многу зборува за неа. Читате книги, нели? :)
Фирмите се прават многу моќни и заинтересирани наводно да вработат квалитет, но кога ќе дојдат двајца кандидати, еден со преголем талент за програмирање, а другиот почетник, ќе го одберат тој кој ќе бара помалку пари, демек дрвце ќе го изделкаш онака како што сакаш. Денес не се цени квалитет туку ефтина работна сила, и најдоброто портфолио некој да ги има, џабе му е.
ReplyDelete