Во секое демократско општество, се знае каде се важни овие одлуки -- кога се гласа, кога заеднички се одлучува што ќе се случува со нас, и кому привремено ќе му биде подарено правото да управува во наше име.
Source: Imgur - "A lesson in government by some Guy".
Зошто е битна контролата на Интернетот?
На сите им е јасно, дури и на, наводно, технолошки заостанатиот Египет. Интернетот е врвното оружје на борците за демократијата.Интернетот ги обединува сите најдобри особини за да биде прогласен за најмоќен овозможувач на информирањето: мулти-изворноста, брзината, инстантноста, анонимноста, леснотијата, достапноста ...
Затоа е и прв на удар на диктаторите штом нешто ќе зачкрипи во, навидум, мирот и благосостојбата во нивната земја. Секој модерен диктатор, за да има барем минимална шанса да преживее народно востание, мора наизуст да знае најмалку два телефонски броеви: оној на шефот на тајната полиција и оној на администраторот на главните влезни рутери за интернет врски во земјата.
Контрола на домените
Контролата на домените е многу посуптилен начин на контрола на достапот до Интернет од грубото чкрапнување на прекинувачот. Овозможува палење и гасење на одредени „проблематични“ домени по желба, додека оние кои се наклонети на власта ги остава да „информираат“.Пред некој месец, ова беше многу јасно демонстрирано во САД, кога на ICANN (кој, иако е меѓународно тело, е базирано и контролирано од САД), од страна на американската администрација му беше наредено да исклучи повеќе домени кои, наводно, се бавеле со пиратерија. Без судење, без право на жалба, само под притисок на големите медиумски конгломерати.
Освен регистрацијата на домени, доменскиот регистрар има уште една, многу важна надлежност, која е често подзаборавена -- разрешување на конфликтите во врска со сопственоста на домените, кој има право да користи одреден домен.
Кај нас е познат случајот со Транспарентност Македонија, кому доменот, со фалсификуван потпис, му беше пренесен на друга организација. Македонскиот доменски регистрар Марнет (додуша, во „стариот“ облик) само слегна со рамениците -- најверојатно под политички притисок, не презема ништо, и, во процесот, сериозно ја уназади борбата против корупцијата во Македонија.
Кој го контролира Интернетот во Македонија?
Ова прашање ме мачи веќе извесно време, уште од кога беше донесен новиот закон за Марнет -- главниот доменски регистратор во државава.Марнет е претворен во државна агенција, со потполна контрола врз административните и технолошките ресусрси на коренските именски опслужувачи (root DNS servers) на македонскиот интернет домен.
Сите процеси се во рацете на тековно владеачката политичка опција, со можност таа, по желба, да вклучува и исклучува домени.
Додека го пишувам ова, Македонија сеуште нема функционален доменски контролор, веќе еден месец. Министерството за информатичко општество се однесува игнорантски и потполно неспремно. Никој не ја известува јавноста до кога ќе трае оваа лимбо-ситуација. Компаниите трпат реални загуби, бидејќи ниту можат да регистрираат домени, ниту да ги пренесуваат, а ниту да им бидат разрешени конфликтите.
Кај нас не е нечуено некој медиум да биде замолчен или натеран да го промени мислењето. Имаме примери и во подалечното минато, а и неодамна. Дали тоа се прави преку прокси-институции, како што се Советот за радиодифузија, разни министерства, УЈП или директно, со упад во медиумот, одземање/запечатување/уништување на опремата, е сеедно. Резултатот е ист.
Дали следни на ред ќе бидат и сајтовите на непослушните и независните медиуми? Кој може да гарантира дека нема да биде пронајдена некаква бирократска грешка после која на Марнет ќе му биде наредено да ги исклучи од македонскиот интернет?
Тука е и коренот на мојата загриженост. Марнет мораше да биде основан на друга премиса, со други базични поставки: јавна контрола, независно управување, транспарентност во работењето.
Уште во времето на „јавната расправа“ за начинот на реорганизација на Марнет (ставено во наводници бидејќи ништо не беше прифатено од наводната расправа), од ИКТ комората, како заедница и како поединци - ИТ експерти, баравме друг начин на организираност.
Нашето барање беше идниот Марнет да биде основан како акционерско друштво, чии основачи би биле ИКТ компаниите, претставници од академските институции и од државните органи.
Издавањето на домени требаше да биде потполно либерализирано, но под контрола на Марнет. Значи, на јавен конкурс ќе се избираа регистратори кои ги исполнуваат поставените техничко-организациски услови и ќе подлежеа на редовни контроли од страна на издавачот на лиценцата -- Марнет.
На државата (специфично, истава влада која е и сега на власт) не ѝ се допадна предлогот. Немаше да ја има контролата.
Не добивме ниту одговор, а камо ли прифаќање.
Едно мора да биде јасно. Македонија, во технолошки смисол, ќе продолжи да оди напред. можеби со задоцнување од година-две, но сепак напред. Враќање назад нема.
Интернетот ќе стане уште поважен фактор во живото на секој граѓанин, на секоја компанија, слично како што тоа одамна станаа телефоните, па мобилните телефони. Веќе не можеме да го замислиме животот без нив.
Секој оној кој ќе го контролира интернетот, ќе има огромна моќ во своите раце. Ова мора да биде променето додека е време.
tekstov ti e super, samo onoj shmek na anti-government ti e too much SDSM a ne pro-liberalen kakov sto treba u sustina da bide tvojot stav, ne bidi do tolku paranoik.kaj nas se po-opasni promotorite na cyberbalkanizacijata
ReplyDeleteЗначи ко ќе прочитам нешто као „samo onoj shmek na anti-government ti e too much SDSM a ne pro-liberalen kakov sto treba“, ми се темни.
ReplyDeleteЧовекот си има свое мислење, ако во некои делови со поклапа со туѓи мислења не треба одма да го дискфалификуваме. Никаде не спомна ниедна политичка партија. Само кај нас се дешаваат вакви ствари, не дај боже да те „врзат“ за опозиција..
Во врска со темава, на 12-ти поднесов барање за промена на домејн, нареден ден го укинаа и реално страда бизнис ради тоа што некој таму грее фотеља со државни пари а незнае компјутер да уклучи.
Секој има право на свое мислење, а тоа значи дека не треба да ги коментираш туѓите коментари,освен ако не си дежурен пљукач:)Коментирај за текстот на пример...
ReplyDeleteЕ ова е тоталитаризам!Диктатура! Остај ме бе да си кажам што си мислам, што ме малтретираш!?