Saturday, January 08, 2011

Темните одеци на аферата Wikileaks

Американското Јавно обвинителство агресивно собира докази за сите оние кои биле вмешани во аферата Викиликс, без оглед колку странично. Издадени се налози за предавање на податоците за корисници на Twitter, Paypal (оние кои давале донации), ICAAN, Facebook и други.
На удар се најде и една пратеничка на Исландскиот парламент, која сега прави галама, увреѓена и изненаѓена (инаку, била член на тимот на Асанж пред да стане пратеник).

САД, како најмоќна сила во светот, со право или не, со сила или со мила, ќе ги најде сите оние за кои мисле дека им наштетиле, и ќе ги казни оние кои ги смета за најодговорни. Останатите ќе бидат впишани во компјутерските бази и ќе бидат „флегувани“ при секој допир со американската администрација (на пример, при барање за виза, школување, допир со американски фирми, итн.).

Не застанува работата тука, има и полошо - како што е вообичаена пракса, сите податоци ќе бидат разменети и со владите на Велика Британија, Германија, Франција и останатите земји со кои САД соработува на разузнавачко поле.

Не велам дека САД е во право за ваквото постапување, но ова беше очекувано. Не се останува на врвот со пуштање на работите да „легнат“ (освен кога тоа им одговара). Безобзирноста и решителноста се неопходни особини во светот на моќниците. Кадија те тужи, кадија те суди.

Би сакал да потсетам дека предвидов, до точка, како ќе се заврши целата Викиликс чорба: и алчноста на Асанж, неговата нескреност, и реакцијата на САД.

Знам дека меѓу донаторите на Викиликс има и Македонци, не знам колку сериозно ќе ги третираат, но преземените бази од Пејпал, Фејсбук, Твитер со години ќе ги чуваат податоците за нив.
Бидете подготвени да се појавите во упитите на пограничните службеници, конзуларни претставништва, факултетски апликации (кои рутински се препраќаат до безбедносните служби за секој странски студент), итн.

8 comments:

  1. Да ми го бричат со џамче. Мислам дека ова е најсоодветниот одговор. Ваквиот третман на whistle blowers директно (и негативно) ќе се одрази на најголемата демократија во светот... Обама е шупак ако мисли дека Хитлер треба да му е идол...

    ReplyDelete
  2. Која е разликата помеѓу тоа Обама да ги дели потенцијалните стипендисти на поддржувачи или неподдржувачи на Викиликс, и тоа Груевски да ги дели по партии луѓето што треба да земат субвенции?

    ref:
    http://twitter.com/#!/ordanoskiv/status/23763209764732929

    ReplyDelete
  3. @Новица Малку е пренатегната споредбата, не ти се чини?

    Прво, јас не ја оправдувам САД за тоа што го прави. Затоа насловот почнува со „Темните страни...“

    Во очите на американската администрација (или Обама, ако така повеќе сакаш), документите се украдени. Тие подготвуваат судски случај и собираат докази.
    Не се таму Маневски за да телефонира кај судиите, Мијалков да притиска врз полицијата, а Груевски да ги дели граѓаните на подобни и неподобни...

    Тоа што во собирањето си земаат преголеми права, се служат со сила и прикриена закана, е за секоја осуда. Но, така играат „големите“.

    ReplyDelete
  4. Ванчо,

    Пошто велиш дека точно си предвидел до точка како ќе заврши чорбата, би сакале да слушнеме кои се твоите видувања за светот после.

    И прашање: како треба да се однесуваат сите кои не се сложуваат со некоја Американска политика?

    ReplyDelete
  5. Дека предвидов, предвидов, да не џбарам сега по Твитер и другите блогови каде што коментирав.
    Дека и јас не се сложувам со американската политика во случајот, пишува во самиот поста, don't kill the messenger.

    Светот потоа, се знае - ќе дојде Апокалипсата во 2012, што си мислите? :)

    Инаку гатам, гледам у гравче и турско кафе секоја среда и петок... Ме има на ТВ Крт (или беше Амазон?) :)

    ReplyDelete
  6. Ванчо, со сета почит ама некако непропорционално обезбедуваш простор за критиката на Викиликс и потезите на администрацијата на САД (за кои исто така тврдиш дека се за осуда).

    Веројатно никој неќе да се најде „обележан“ во некоја база на податоци, па ниту јас, но незнам на кој начин ја вагаш твојата активност. На твојот активизам против кршење на човекови права и акти против транспарентност во Македонија, му противтежи твојата претпазливост во применување на истите принципи кон други актери (пр. САД). Зошто? Зошто во случаите на Македонија твоите констатации не се пропратени со запирка позади која ќе додадеш „ама ете така прават државите“.

    Меѓутоа, тоа што ме предизвика да искоментирам е лидот на твојов пост во кој сугерираш на многу поголем број на луѓе кои се предмет на истрага користејќи го „без оглед колку странично“. Првпат кога го прочитав твојот напис ти поверував тебе без оглед на тоа што агенциските вести го користеа зборот „соработници“ кој укажува на ограничен број на луѓе. Веднаш после таа реченица се користиш со податокот за судската одлука кон Твитер, иако се знае дека е упатена за помалку од 10 нивни корисници. И повторно, таквиот сплет на аргументација многу повеќе служи за заплашување отколку за проширување на дебатата. Ако администрацијата на САД одлучи да „обележува“ луѓе, тогаш навистина треба да си внимателен во предупредувањето упатено на огромен број луѓе кои се симпатизери на Викиликс и/или на некаков начин помогнале да се прошири зборот, идејата, дебатата.

    Ако знаеш нешто повеќе од нас, тогаш кажи ги случаите за да луѓето си пресметаат. Јас на пример имам слушано приказни за луѓе кои биле одбиени за виза, наводно со образложение дека биле на антиглобалистички протести, но од друга страна знам конкретно (не како информација од трета рака) за луѓе кои биле прилично активни во исти такви води кои без никаков проблем добиле виза.

    Тоа што сакам да кажам е дека се додека користиме ефемерни спекулации (кои може се точни а може не), повеќе служиме да си го заплашиме сопствениот или туѓ активизам.

    ReplyDelete
  7. Здраво Миша, и фала ти на коментарот.

    Пред да почнам, да нагласам дека НЕ ги оправдувам постапките на американската администрација, туку само се обидов да ги сумирам и објаснам.

    Одговорот на твоето прашање веројатно и самиот делумно го имаш: на повеќе учесници во анти-глобалистичките демонстрации не им е одобрена американска виза.

    Нема сомнеж дека слично ќе се постапува и во овој случај - Викиликс поддржувачите нема да се омилени кај Америте и нивните сојузници (вклучувајќи ја и Македонија, нели).

    Секако, јас немам внатрешни информации како работат американските тајни служби, но од она што го знам за некои други (вклучувајќи ги и нашите), сосема е сигурно дека не се ограничиле на преземање на податоците од Пејпал и другите сервиси само на неколку најекспонирани поддржувачи на Викиликс.

    Ако погледнеме реално, кога имаат можност да се доберат до многу имиња на потенцијални „непријатели“ (во нивните очи, секако), тогаш тоа и го направиле, повеќе од сигурно.
    Важечката американска доктрина е дека со во „војна со тероризмот“, а повеќе нивни официјални лица Викиликс го прогласија за „напад“ на САД (и, безмалку, за терористички чин).
    Скрупулите се за во холивудските филмови, во вистинскиот свет ги нема.

    Да бидеме докрај рационални, не можам да замислам тајна служба од било каде која нема да ги собере сите податоци кои им се на располагање. Да не почнам сега да зборам за нашиве, кои што само уште во ве-це-то не прислушкуваат сѐ и секого. Додуша, не сум погледнал зад машината за перење... :)

    Така, посредно, но со голема веројатност, доаѓаме до моите заклучоци во постот: Мрежата е фрлена нашироко, и во неа, неволно и неоправдано, се наоѓаат многу луѓе кои не заслужиле.

    Се сомневам дека било кого сум заплашил со мојот пост (ниту имав намера да заплашувам) -- имам премалку читатели, а и не се сметам за некаков „фактор“ кој може да заплаши.

    ReplyDelete
  8. еве ви добар пример, @ioerror. го откорнале од тресење кога се вратил од исланд во ус&а.

    ReplyDelete