Sunday, December 12, 2010

Зошто Wikileaks е погрешен потег?

На почеток, да се разбереме: апсолутно сметам дека мора да постои транспарентност во работењето на владите, без оглед дали се мали или големи, Америки или Македонии. Тоа доаѓа без исклучок.
Дека навистина мислам така, зборува фактот што сум еден од основачите и (поранешен) член на бордот на Транспарентност Македонија. Да нема забуна.
Слободата на новинарството и говорот ми е многу блиска, затоа што и самиот бев сопственик на весник и негов извршен директор скоро 7 години („Форум Магазин“, во „добрите“ денови). За разни весници пишувам од свои 19 години, имам објавено повеќе стотици написи и член сум на ЗНМ од 1986 (иако не учествував во последниве настани).
Натаму, со тоа што не го оправдувам потегот на Асанж не значи дека ги оправдувам потезите на САД, само можам да ги разберам. Ниедна држава, а особено не една од најмоќните во светот, нема да стои со скрстени раце кога ја „чепкаат“. Добога, па со скрстени раце нема да стои ни дете од градинка ако другарчето го мавне со нешто.

И, ве молам, не ги мешајте сите светски несреќи во иста чорба.
Викиликс и Асанж ниту ќе ги запрат војните, ниту ќе донесат светска добросостојба. Американците нема да се повлечат од никаде каде што им се интересите, без оглед дали нам ни се допаѓа тоа или не, па дури и да се објават некакви документи.
Приказните за „дивјаштвото“ на оваа или онаа земја се кажуваат од почетокот на човештвото, тие постоеле и уште ќе ги има.
Кој сѐ не е за осуда? Кортез, кој ги истребил Ацтеките, Британците кои го експлоатирале половина од светот, Србите кои ги убиваа Албанците, или Албанците кои ги убиваа Србите и им ги продаваа органите?

Не само САД
Со објавувањето на документите не се зафатени само САД, туку и многу други земји, вклучувајќи ја и нашата.
Секоја земја си има свои тајни, особено кога се работи за дипломатијата. Објавените документи прeтставуваат само одредени дискретни точки во некои подолги процеси, а никако слика на сите случувања.

Не може секоја држава лесно да се справи со оддавање на тајни, почнувајќи од нашата. Што ако се дознаат работи за процесот на преговарање на Охридскиот договор? Не велам дека не треба да се дознаат, но мора да има историска дистанца -- нашата демократија е премногу кревка за да издржи посилни удари. Не е многу убаво, но тоа е факт.

Ај, на страна ние. Објавени се тајни документи за Пакистан и Индија. Тоа се две земји кои постојано се на работ на војна, а -- уште полошо -- имаат и нуклеарно оружје со слаба контрола врз него. Колку документи требаат, па некој луд Индиец или Пакистанец да го стисне копчето? Кој е прагот? Џулијан Асанж да не го знае?

Според документите, Папата рекол дека не ја сака Турција во ЕУ. Тоа значително може да ја поремети стабилноста на Блиски Исток, каде што Турција е можеби клучниот фактор. Што ако се свртат кон исламизмот? Што ако Инџирлик не е веќе база на НАТО? Дали сте подготвени за уште една војна, која -- сосема сигурно -- ќе го зафати и Балканот?

Назад на САД
Викиликс ги објави броевите на социјалното осигурување на американските војници. Тоа ниту е транспарентност, ниту слобода на говорот. Тоа е малициозност.
Во некои од документите се објавени и имињата на Афганистанците - соработници на Здружените сили (во кои учествува и Македонија). Што мислите, дали се тие сеуште живи? А нивните семејства, жени, деца? За мене, само ова е доволно Асанж никогаш да не излезе од затвор.
Натаму, објавени се технички документи за уред кој го поседува САД и кој може да спречи експлозии на бомби. Бомбонче за терористите.
Будалата Асанж се заканува дека ќе ги објави тајните нацрти за составување на термонуклеарни бомби. Изберете кој ќе бенефицира: слободата на говорот, Ал каеда, Иран или некој трет лудак?

Кој е Асанж?
Да се запрашаме, кој навистина е Џулиан Асанж? Храбар борец за слободата на говорот? Робин Худ на понижените и искористените? Плејбој кој, во среде криза, има време за курварлаци (со или без кондом, сеедно)?

Кој ги финансира неговите ескапади?
Немојте да се лажете и да мислите дека PayPal е доволен (а и тоа сега го нема), и дека не се следи секој долар/евро/фунта од таквите сметки. Тоа е за мачкање очи пред јавноста.
Хостирањата по Швајцарии, Шведски, Холандии чинат пари. Неговото летање по светот чини пари. Големата организација зад него чини пари. Луѓето кои му помагаат и работат за него сакаат да живеат од нешто, без оглед колку го сакаат.
Тоа што Асанж може да „пропадне во земја“ во момент кога го бараат 20 најдобри светски тајни служби не е случајно.
Кој му ги обезбедува контактите на Асанж -- контакти во самата утроба на американските тајни служби и нивните компјутерски датабази? Му се јавуваат на телефон, дома, додека гледа фудбал на телевизија?

Некој го помага, го финансира и го подучува -- тоа е очигледниот одговор. The usual suspects - Иран, Кина, па и Русија, први паѓаат на ум. Сите тие имаат корист од хаосот кој тој го прави.
Викиликс е добро организирана и добро фундирана операција, која може да ја замисли и поддржува само искусна тајна служба. Асанж е само фронт-енд, кловн кој фаќа поени и жени.

Џулијан Асанж најмалку на срце ја има транспарентноста и не е искрен.

Што ќе се случи?
Како што предупредија и „Репортери без граници“, ова протекување само ќе предизвика уште помала транспарентност и подлабоко вкопување на владите.
Ќе се воведат уште построги мерки, подобри алгоритми за енкриптирање. Ќе се променат законите, ваквиот вид на објавување ќе стане еднаков на веле-предавство.
Штета ќе имаме сите ние, ќе имаат и вистинските новинари, оние кои на регуларен начин доаѓаат до своите информации.

Поддржувањето на налудничави луѓе кои без критериум прават работи -- тврдам -- исклучиво во своја корист, не води никаде.

18 comments:

  1. Жалам Ванчо, не успеа да ме убедиш, иако кажуваш и издржани аргументи. Сепак не се согласувам со тебе и мислам дека кога би можеле да се извагаат добрите и лошите ефекти на ВикиЛикс, би превагнале добрите.
    Поздрав и добра ноќ!

    ReplyDelete
  2. Search and replace во текстов и замени го Викиликс со Транспарентност Македонија а Асанж со директорот. Дали исто добро ќе ти звучи твојата теза? Кој лета без пари? Кој чека финансирање? Значи ли тоа дека сите нот-фор-профитс се корумпирани?

    Колку што разбрав Асанж/Викиликс ги објавува документите полека токму поради бришењето на недолжните соработници. Затоа и оди преку Гардијан и сл. Затоа што имаат ресурси да ги проџвакаат документите, да ги редигираат пред да ги објават...

    Викиликс е она што му се случи на Милошевиќ. Редно беше да му се случи и на западниот свет. Само не верувам дека Путин или Саркози не знаел како го викаат Американците. А Бучко мора да заглави во затвор бидејќи знаел дека го киднапира Ел-Масри без законска основа...

    ReplyDelete
  3. @kirev Мислам дека кажав кој ја финансира Транспарентност. За останатите "соросоидни" тези, обрати се кај Латас и друштво.
    На Милошевиќ му се случи народ, не Викиликс, колку што се сеќавам.
    А податоците за војниците и соработниците се веќе објавени. Мачката е избегана од вреќа, сега е доцна да се "редактира". Секој терорист кој држи до себе си има фино подредена листа на мети, courtesy of Jullian Assange.

    ReplyDelete
  4. Wikileaks, но и многу други случаи, докажуваат дека тајната држава генерира корупција, криминал и злосторства.

    Кога ќе биде крајот? Кога ќе речеме НЕ на официјалната конспиративност?

    Велиш:
    » Секоја земја си има свои тајни, особено кога се работи за дипломатијата. Објавените документи прeтставуваат само одредени дискретни точки во некои подолги процеси, а никако слика на сите случувања. «
    Чија кривица е тогаш што нема да ја знаеме целата приказна? Кривицата е на тие што приказната ја држеле во тајност, не на тие што ќе ги објават оние делови до кои успеале да дојдат.

    Ако Пакистан и Индија се на работ на стискање на копчето, тогаш проблемот сигурно не е Асанж... Па во светот сигурно има уште стотици иљади други будали заради кои тоа копче би се стиснало - не ти држи овој аргумент никако. Асанж не го знае прагот, но не го знаеш ни ти .. што ако прагот е резиденцијата на хунзите во паљурци???


    Се чини, тотално ја избегнуваш главната тема и се обидуваш да го одбраниш статус-квото во светската политика и дипломатија со страничните аспекти.

    А главната тема е дека во денешно време НЕ СМЕЕ да постои конспиративна дипломатија - таа очигледно е остаток од едно друго време, а задртените старци се уште не научиле да функционираат поинаку него со курчење и манипулирање. Време е да се стави крај на тоа.


    Конечно, ДА, не може да се отфрли можноста дека од ситуацијата Wikileaks ќе настрада и некој невин (или не толку виновен) човек. Дотолку повеќе одговорноста на нас сите е да го максимизираме позитивниот ефект на Wikileaks.

    А дека откривањето на информации не спречило војни, не си у право. Leak-от на Daniel Ellsberg драстично ја намалува подршката на јавноста за војната во Вијетнам, поради што кратко време потоа војната завршува. Да ефектот не е моментален, но го има.

    » ова протекување само ќе предизвика уште помала транспарентност и подлабоко вкопување на владите. Ќе се воведат уште построги мерки «

    Тоа е и една од целите на wikileaks, на вкопаниот систем му е сериозно нарушена ефикасноста.


    ps.
    аd-hominem нападите од типот Асанж се курвал се простачки и не придонесуваат ама ништо во дискусијата. Ми се чини дека така си пишал под влијание на некои емоции. Белким не те има тебе во „Каблите“?

    pps.
    Ако Асанж е нечиј агент, што не приложиш барем некој податок што го потврдува тоа? Барем еден сигуно има? Вака си поконспиративен од скиентолозите.

    ReplyDelete
  5. Kolku sto go razbrav Asanz imale vakva situacija: Imas dokumenti i imas 3 opcii: 1. Objavuvas se bez cenzura, 2. Objavuvas so cenzura, 3. Ne objavuvash nisto. Broj 2 odma go otfrlile zatoa sto kade kje ja stavis granicata, ne e samo da prikries identitet na poedinci, sto ponekogas ja unistuva celata statija i nema poenta bez toj identitet. Pomegju 1 i 3, 1 ima pogolema tezina odkolku 3, t.e. povekje dobro.

    Deka nema da ima pogolemi problemi nema, no kje ima mali mislam. AKo ne drugi, site sto napraviel kriminal i se spomnati vo tie dokumenti nema da bidat izbrani vo slednite vladi na svetot. I hope.
    Pa kje ima nov ciklus i new blod so povekje pamet.

    Ako gi izberat i nema vlijanie seto ova wikileaks, togas nema poenta ni diskusijava.

    ReplyDelete
  6. "Секој терорист кој држи до себе си има фино подредена листа на мети, courtesy of Jullian Assange."

    терористот ќе пука било како, ти што би сакал, да пука по обични цивили?

    ReplyDelete
  7. Да не беше интернет и мобилните, тешко дека ќе се случеше народ...

    Што се однесува до соросоидните тези - колку транспарентност е доволна транспарентност? Тоа живо ме интересира. И кој определува? И од кога Латас е референца за било што? Човекот што насекаде труби дека е платеник и дека сесрдно ќе работи за тој што го плаќа очигледно е некомпетентен да зборува за новинарство. Кој паметен рекол дека кога би бирал меѓу САД без претседател и САД без новинари, би го одбрал првото?

    А колабораторите можат само да се молат уредниците во Гардијан и другите весници да внимаваат и да ги редигираат и нивните имиња.

    И на крај - зошто Бучко да не лежи за киднапирање?

    ReplyDelete
  8. имав подолг одговор, но blogger го скеца

    ова протекување само ќе предизвика уште помала транспарентност и подлабоко вкопување на владите.
    Ќе се воведат уште построги мерки, подобри алгоритми за енкриптирање.

    Ова е и целта на wikileaks, вкопан систем за конспирација, има осакатена ефикасност.

    ReplyDelete
  9. Ванчо, за многу работи не се сложувам со тебе, но за две да:
    1. Ќе страдаат војници
    2. „Некој го помага, го финансира и го подучува -- тоа е очигледниот одговор.“
    Додека неочигледниот одговор е дека Викиликс е финансирана токму од САД, не Иран, Уран или Марс.
    На Ал Каида им се потроши горивото, па сега САД си бараат нов кривец, уште поневидлив од терористите. Нормално, ќе има и еден Дигитален Патриотски Акт, кајдае.
    Поздрав.

    ReplyDelete
  10. @damjan - за жал, светот, па и дипломатијата се такви какви што се. Ние можеме да сториме многу малку, дури и Викиликс само ќе предизвика, како што реков, само уште поголема тајност.
    Тоа што го сакаш ти - да нема конспиративни држави -е утопија. Нема да се оствари. Sorry.
    Инаку,јас не се ни обидувам да му ги фатам сите конци на Асанж, а ниту можам.
    Тој самиот се става во центарот на вниманието, па нормално е дека ќе го спонуваме, и по лошо и по добро. А дали ќе се навреди, баш ме заболе. Силувач на жени.

    ReplyDelete
  11. На Милошевиќ му се случи народ

    Со милиони funding од CIA. :)

    ReplyDelete
  12. не е прашањето дали ќе се навреди Асанж, туку дека го симињаш нивото на дискусијата на Латас ниво.

    ReplyDelete
  13. Линк до пообемната дискусија на темава:
    http://novica.softver.org.mk/node/553#comments

    ReplyDelete
  14. Мојот впечаток е дека зборуваме за 2 различни работи (барем јас и ти Ванчо).

    Во мојот текст не сум загрижен за последиците што можат да произлезат од објавувањето на овие документи во однос на глобалната политика, додека ти очигледно си - со војните и слично.

    Не дека тоа не е важна дебата, ама па како да кажам... мене не ме интересира. Индија и Пакистан лани се срокаа на сред град па никој не пушти нуклеарка. Ако има толку морони да рокнат нуклеарка во светот, тогаш нека биде така. Викиликс или не, исто ни се фаќа.

    (Патем, не сакам (уште една) војна на Балканот, ама малку е хмммм.... како да речам потсмешливо да го туркаш ова особено пред помладите генерации - како мојата - кои целиот свој возрасен живот го поминале низ војните на Балканов.)

    Значи мене пред се ме интерисра дебатата онака како што ја врамува EFF. Можеби ќе речеш дека сум наивен или што и да е, ама тоа е.

    На страна од оваа главна разлика, така да речам, користиш и некои други објаснувања кои што некако не држат вода. Загрижен си за имињата на лицата од здружените сили, но не си загрижен за илјадниците цивили што умреле до сега од „пријателски оган“ или не знам што?

    И второ, постојано сакаш да го извалкаш името на Асанж. Не знам, можеби навистина не ти се допаѓа човекот, или пак можеби знаеш нешто што ние не знаеме (како оние коментари дека наседнал на цијашки курви) - и не знам - можеби на крај ќе излезе дека и треба да му се валка името, ама забележи - главните зборови се „не знам“.

    Јас од друга страна знам само она што е јавно и проверено од неколку извори. А тоа е дека: 1. дури и во Шведска престојувал во приватен дом (т.е. не му требале пари за хотели), 2. До Лондон од Белград се лета за 25 евра, 3. хостингот навистина, ама навистина, не е скап, 4. англиската полиција цело време знаела каде тој се наоѓа (не е дека го бараа и под дрво и под камен во Лондон)...

    Конечно, за тоа колку е тешко да се спроведе операцијата како таква, т.е. дали е можно сето тоа луѓето да го прават од љубов (иако пак велиш дека тие работат за него, а не за идејата зад Викиликс - но нејсе), само да те потсетам дека настрана од оваа дебата, барем како што имам впечаток и јас и ти доаѓаме до ист камп - оној на слободниот софтвер.

    А таа иницијатива/проект започнала во времекога технологијата не била толку многу распространета, кога еден харддиск чинел навистина многу, и кога интернет имало само на универзитетите во САД и тоа само од еден човек кој рекол - еј јас ќе напишам слободен оперативен систем.

    Би сакал да ја продолжиме дебатата евентуално во тие две рамки (од почетокот): 1. слободата на говор на интернет, неутралнсота на мрежата, цензура и 2. последиците што депешите може да ги имаат во реалниот свет - иако јас не знам што би можел да придонесам во тој дел бидејќи не ја следам меѓународна политика доволно. Евентуално можеме да зборуваме и за тоа што можеме ние да направиме околу сето ова. Сѐ друго е премногу таблоидски за мене.

    ReplyDelete
  15. Светската дипломатија е бокс каде знаеш дека противникот сака да ти ги искрши забите, да те нокаутира, да те победи ама се бориш бидејќи и ти исто така сакаш да му ги искршиш забите, да го нокаутираш.
    Е сега, некој е добар (USA, UK, ...), некој е прљав (Иран, ...), некого не го пуштаат во ринг и се лути (С. Кореја), некој мисли дека е голем тепач ама само јаде ќотек (Србија, ...), а некој едноставно не го бидува за тепање (Македонија, ...).
    Wikileaks е бокс ама без ракавици. Нема правила, има прљави удари, многу расцепани глави, викање, галама, уааа судија и што ли уште не.
    И тоа е јасно. Само пустото, во една плејада од досадни бокс меча, ваква "распаљотка" е интересна.
    На сите им збоктисаа стереотипните изјави от типот "немаме информации, не знаеме и слично", а всушност киднапираат недолжен "Германец" со име Масри (или така некако), имаат Tax Heaven од типот на Кајмански острови и Sadistic Heaven од типот на Гвантанамо.
    Сите влади, без исклучок ја користат максимата "Не ме гледај што правам, слушај ме што ти кажувам". Луѓето едноставно не веруваат повеќе на своите и туѓите влади.
    За мене проблемот е што Master Card не дозволува да се донира на Wikileaks, а дозволува да се донира на Ku Klux Klan! Или "тек така" домеин операторот .org може да те исклучи, а .com операторот дозволува сајтот kkk.com да постои. Има мал милион фашистички, националистички, расистички, садистички и разни други "чки" кои без проблем функционираат. По мене тука се лизнаа CIA, NSA, FBI, ... Немаа (и сеуште немаат) идеа како да се справат со оваа криза. Овој преседан утре може да го искористат против било кој, против Друштво за заштита на Алигатори кои ќе протестираат против нафтени бушотини во природните живеалишта на последните 5-60 алигатори. Правилата мора да важат за сите.

    На крај, мора да признаам дека последниот бокс меч кој сум го запамтил е оној која Тајсон му го гризна увото на Холифилд.

    ReplyDelete
  16. Колку демократија е доволно демократија? Како поборник на анархијата можам да кажам дека Openleaks е уште подобра идеја, па ќе видиме дали после ќе го бараат Асанџ...

    Коце, Tax haven. Не постои израз tax heaven. Тоа некој полуписмен „преведувач“ го бутна по нашите весници...

    ReplyDelete
  17. A tax haven is a country or territory where certain taxes are levied at a low rate or not at all.

    Повеќе на http://en.wikipedia.org/wiki/Tax_haven.

    Инаку таму и Republic of Macedonia е спомната како tax haven. :)
    Само што јас не се чуствувам како во рај, што се однесува до даноците де :)

    ReplyDelete
  18. Haven е засолниште а heaven е рај.

    ReplyDelete