Sunday, April 29, 2007

Тендер за набавка на компјутери за учениците - каде се пропуштените шанси?

Актуелниот тендер на Владата за набавка на компјутери за училиштата претставува уште една пропуштена шанса (или, подобро речено, неколку пропуштени шанси), да се направат решителни чекори во правецот Македонија да добие посериозен импулс за развој на информатиката.

Импулси требаше да има во повеќе насоки, барем такви беа очекувањата на бизнис-заедницата на информатичката технологија.
Учениците требаше да добијат шанса да работат со најнова компјутерска технологија, а некои и првпат да дојдат во допир со неа. Македонските ИТ компании се надеваа дека ќе добијат (додуша, мал) дел од 30-те милиони евра наменети за ова, што би значело не само профит за нив, туку и посигурна иднина, особено во услови на развиен шверц и силен сив пазар на информатичка опрема.



Сите надежи паднаа во вода веднаш штом ја видовме објавата. Искусните „тендерџии“ од ИТ компаниите во Македонија од прва ги препознаа „кваките“ и недостатоците на тендерските услови, а многумина изјавија и сомневања во чистите намери на објавувачот – Министерството за образование, во овој случај.
Сегашните повици на Владата се само задоцнет обид да се замолчат сe посилните негодувања, обид кој не може да смени ништо посуштински, а овој тендер е згрешен во суштина.
Освен тоа, Владата имаше шанса да ги слушне мислењата и укажувањата на ИТ компаниите пред да ја направи објавата на набавката. Комората за информатичко-комуникациски технологии и услуги при Сојузот за стопански комори на Македонија одржа повеќе средби со релевантните фактори, издаде неколку соопштенија, а дури одржа и деловен појадок со министерот Ивановски – посветен токму на оваа тема. Во сите овие контакти беа искажани стручните и добронамерни укажувања на евентуалните проблеми и како тие можат да се избегнат.
Овие укажувања доаѓаа од самиот терен, од луѓето кои секојдневно работат со оваа проблематика и до детали ги познаваат состојбите. Не само тоа, туку и се сведоци на неколку претходни слични проекти од помал обем кои завршија неславно. Ние знаеме зошто пропаднаа.

Каде се суштинските недостатоци?

Прво, да ги погледнеме самите услови во кои ќе работат учениците: не се опфатени подготовките и не е опфатено пост-инсталациското работење.
Подготовките требаше да опфатат посериозно сондирање на техничките услови за инсталација на опремата, а не е размислено и за тоа кој ќе ги обучува учениците – немаат сите училишта подготвен наставен кадар кој ќе може да одговори на предизвиците на новата технологија.
За 100,000 прокламирани компјутери се потребни 250,000 приклучоци за струја, 100,000 работни маси и 100,000 столчиња.
На неколку илјади наставници им е потребна основна обука или барем некој вид дообука.
Во услови кога на многу училишта им недостасуваат пари за да го поправат покривот кој прокиснува или кои не можат да си дозволат да набават огрев за загревање на училниците, тешко дека ќе можат да инвестираат во реконструкција на електричната инсталација за да се обезбеди стабилно напојување, а уште помалку да испрати барем двајца наставници на 30-дневен курс по информатика.

Уште повеќе, гледајќи ги броевите за распоредувањето на компјутерите по училиштата, тие се различни на различни места во документацијата. Изгледа дека Министерството за образование нема ниту баш точен увид во сите училишта.
Бидејќи во тендерот не се предвидени бодови за ваков вид на услуги, никој од понудувачите и нема да ги понуди, што значи и дека нема да бидат испорачани.

Што ќе се случи откако, како – така, ќе бидат доставени компјутерите во секое училиште? Што ако некој од нив се расипе? Никаде во тендерот не е предвидено т.н. on-site одржување (одржување на лице место), ниту за гаранцискиот, ниту за пост-гаранцискиот период. Ако е и само споменато, повторно – тоа не се бодува посебно, што значи и дека никој нема да го понуди.
Ова значи дека, на пример, секоја расипана тастатура ќе треба да се носи во сервисот на фирмата која ја испорачала. На пример, од Асамати, Преспа, во Скопје. Тастатура која чини 5 долари да се замени и 20 долари да се дојде до замената. Затоа е потребен on-site договор.
Пост-гарантниот период не е опфатен на никој начин. Ако се земе дека просечната гаранција за оваа опрема ќе биде една, најмногу две години, а просечниот технолошки рок на употреба на истата опрема е 4 – 5 години, испаѓа дека училиштата сами ќе треба да го финансираат одржувањето најмалку две, а дури и три години. Трошок кој сигурно нема да можат да го поднесат. А тоа ќе значи постепено „одумирање“ на опремата, бидејќи како ќе се расипува кон крајот на рокот за употреба, така ќе се трупа во ќошовите на училниците.

Натаму, не треба да се заборават и надежите на ИТ заедницата во Македонија. 30 милиони евра сериозно ќе го нарушат пазарот на опрема, особено што – како што изгледа – колачот ќе го делат многу малку компании од државава, а најголем дел ќе лапнат странските фирми.
Многу помали компании од Македонија нема да го издржат ударот и ќе пропаднат. Нема ни да можат се претопат во други – поголеми, особено оние надвор од Скопје.
Владата не направи ниту најмал напор да ги распореди парите регионално, како што беше предлагано и барано. Со фамозниот услов за исполнување на ISO или сличен стандард за квалитет, кој го поседуваат само мал број ИТ компании од Македонија, се исклучени и многу поголеми фирми. Ова не е Германија, туку Македонија. Само оваа провизија во тендерот создава сомнеж за наместена игра, особено што најмалку една проминентна мултинационална компанија коинцидентално баш сега отвори свое централно претставништво во Скопје, иако веќе има неколку овластени дилери.
Владата зборува за некаков конзорциум на македонски фирми кои би настапиле заедно, а ниту беше дадено доволно време, ниту има реални можности за тоа.
Тендерот мораше да обезбеди регионално покривање и фер услови кои ќе можеше да ги исполни и некоја ситна фирмичка од, на пример, Пробиштип. Бидејќи тоа е она што им треба на корисниците, пред сe.

Заборавен е уште еден клучен чинител на целата равенка – локалната самоуправа, на чија територија и под чија надлежност се училиштата кои би требало да ги добијат компјутерите. Тука не се работи само за тоа кој ги дава парите, туку и за тоа кој и како ќе ги употребува. Локалната самоуправа сигурно одлично ги познава условите на својата територија, а не беше вклучена во ниедна фаза.

Што да се прави?

Најдобар крај на овој несреќен тендер е тој да се поништи и Владата да вложи посериозен напор новата објава да биде многу посуштинска и поиздржана.
Потценувачкиот однос на власта кон сите други фактори ќе доведе до последици кои ќе ги почувствуваат цела генерација ученици и многу компании во Македонија.

Потребно е да се состави консултативно тело составено од претставници од Владата, но и со силно присуство на ИТ бизнис-заедницата. Ова тело ќе треба да состави листа на минимум потребни услови, да направи техничко-технолошки претпоставки и да ги согледа сите можни проблеми.
Дури потоа, и врз основа на ова, бирократите ќе можат да направат тендер и да изберат понудувачи.

Да нема недоразбирање: ние силно ги поддржуваме сите напори за развој на информатиката. Ова можеби е и првата администрација која се обиде да направи некаков сериозен чекор и тоа е за поздравување. Оваа Влада прави и други стратешки потези на ова поле, на пример, неодамна презентираната Стратегија за е-општество, а во тек е и изработката на законот за електронска трговија.
Но нема да се согласиме да бидеме само „присутни граѓани“ кои ќе бидат повикувани на состаноци само затоа за да им дадеме кредибилитет.

1 comment:

  1. кучињата си лаат, карванот си врви.

    ReplyDelete