Saturday, May 05, 2007

Варвари пред ѕидините

Европа сака да биде другата суперсила. Но, во процесот се појавија некои проблеми.

Во април 2003, додека САД гласно го покоруваа Ирак, најчудната империја во светот тивко проголта 10 земји, а оттогаш уште неколку. Еден ден, „Европа“ можеби ќе се прошири сè до Токио.

Но, ниедно добро не доаѓа без нешто лошо, а Европа се соочува со нови предизвици. Пред сè, и’ недостасува вистинска влада. Управувањето со далечинска контрола беше многу тешко уште кога беа 12 членки, а сега - со 27 - таа задача изгледа скоро невозможна. Растечката империја мора да воспостави некаква федерализирана централизација, ако ништо друго, барем да има кој да ја дигне телефонската слушалка.
Се покажа дека обидот да се воспостави новиот Устав на ЕУ, со претседател и некакво политбиро, потпретседател и министер за надворешни работи воопшто не наликува на пикник, особено затоа што Французите се на чело на овој комитет.
Да беше во прашање некој друг, а не Европјаните - со своите генетски бирократски предиспозиции - тој во оваа бескрајна потрага по Уставот сигурно ќе умреше од досада од постојаното и непрекинато преговарање.
Задачата е тешка, среде борбите за превласт и постојаните закани со вето. Случајот со Македонија и Грција е еден од овие примери, каде што црната овца на Европа постојано ги посрамува своите колеги со нови и нови инвентивни глупости.


Европските земји кои сеуште не се апсорбирани се во состојба на слободно паѓање. Надворешните обриси на Шенгенскиот договор за отворени граници не се ништо друго туку нов Берлински ѕид во 21-от век, одвојувајќи ја Новата Европа од она што оправдано може да се нарече Најдлабоко Темна Европа. На отпадниците им недостасува капитал за инвестиции, а Европа не им го дава. Нивните патишта полни со дупки тешко можат да се натпреваруваат со сјајните стандарди на нивните соседи, и само привлекуваат прекуморски гангстери и трговици со луѓе. Нивните најспособни и најпаметни жители се претвораат во нов бран на гастарбајтери. Како што си поминува времето, одржувањето на чекорот со богатите соседи бара сè поголеми скокови, а „транзицијата“, наместо на интеррегнум, сè повеќе заличува на гето.
А и на самата Унија, која настана и порасна покрај комунистичките режими со железни тупаници, животот во соседство на организираниот криминал воопшто не и’ изгледа привлечно.

Натаму, Европа е слабо вооружена. Европјаните, општо земено, се згрозуваат од Американската каубојска традиција на дигање на бандитите во воздух. Но, на нивните граници се наоѓаат сосема доволно крвави убијци – почнувајќи од Балканските палачи на цркви и џамии, диктаторите од Белорусија, Албанските хероински гангстери и ладнокрвните босански студенти по теологија на Ал-Каеда.
Едно е да зборуваш тивко, но да носиш голем стап (како што рече поренешниот Американски претедател Рузвелт), а сосема друго бескрајно да зборуваш и да немаш ниту стапче. Европските воздушни сили се премали да пренесуваат војници во воените зони. Нејзините носачи на авиони можеме да ги преброиме на прсти, и тоа со остаток. Во овие услови, единствено што Европјаните добиваат е понижување. Тоа одлично се гледа на примерот на Косово, каде што единствено што успеаја европските војници е да се интегрираат со тамошните гангстери, трговци со луѓе и дрога, додека Американците се тие кои ја гарантираат безбедноста. Американците со ова само ја потенцираат немоќта на Европа на воен план, исто како што тоа го направија и со Дејтонскиот договор или бомбардирањето на Милошевиќ.

На крај, ако денешните деца се граѓани на иднината, Европа ги има многу малку. Само за да има проста репродукција, на Европа и’ треба прираст од 2,1 дете по семејство, а во мометов тој изнесува 1,3. Дури ни посакуваното зголемување со приклучувањето на новите членки не се остварува. Новостечените богатства не резултираа со зголемување на прирастот, туку напротив, тој е уште помал од просекот кај новите Европјани.
Додека популацијата на Азија претекува од своите граници и го колонизира западот, Европа старее и се собира.
А за да расте, на економијата и’ требаат луѓе, работници. Модерна Франција привлекува Алжирци, Мароканци, Сенегалци и Тунижани. Погледнете ги само француските фудбалски тимови. Турците и Курдите одат во Германија, а Италија е магнет за Албанците. За неколку декади, жителите на „Европа“ ќе имаат прилично шарен генетички профил.
Но не само генетски, туку и шарен религиски профил. Ако некогаш крајната граница помеѓу христијанството и исламот беше некаде кај Сараево, сега оџите пеат од новите минариња во Оксфорд.
Во самото срце на Франција, во Париз, веќе почнаа расни немири од огромни размери.

Дали Европа се претвора во „Еурабија“? Дали сме сведоци на нова, глобална миграција, овојпат од исток кон запад. Да се потсетиме, кога претходната глобална миграција кон Новиот свет и од запад кон исток заврши, светот роди три големи, крволочни диктатори: Хитлер, Сталин и Мао. Тоа неизбежно доведе до неколку светски војни.
Дали ни претстојат нови, тогаш кога и глобалната миграција на 21-от век ќе заврши?


(Текстот е поттикнат од идеите на Брус Стерлинг)

No comments:

Post a Comment