Ова е излагањето кое го имав на пленарната сесија со горниот наслов, одржана во рамките на „Европски ден на претприемачите“ во скопскиот хотел „Холидеј Ин“, на 9 мај 2007.
Во него се изразени моите размислувања на оваа тема, а се надевам дека се поклопуваат со оние на многу мои колеги.
Бизнис околина
Здравата бизнис околина е основниот услов за компаниите да можат да растат и да бидат конкуретни. Ова вклучува транспарентна, отворена и конкурентна бизнис рамка, јасно и независно владеење на законот за сите компании и рамноправно и стабилно легално третирање на националните и меѓународните бизнис трансакции.
За малите претпријатија е важна и избалансираната примена на регулативата за заштита на интелектуалната своина. Ова е особено важно за малите компании во областа на заштитата на иновациите и дигиталната содржина.
Инфраструктура на доверба
Регулаторната инфраструктура мора да биде таква што ќе обезбеди доверба, приватност и заштита на потрошувачот.
Ова е основен предуслов за развој на култура на доверба во употребата на ИК технологиите, ефикасна примена на начелото на приватност и заштита на потрошувачите, борба против сајбер-криминалот и спамот.
За да се остварат овие цели, потребна е зајакната соработка помеѓу сите заинтересирани страни. За малите претпријатија е особено значајно да постојат евтини и лесно достапни механизми за брзо разрешување на споровите меѓу компаниите и потрошувачите.
Бизнис асоцијациите треба да земат поголема улога во овие процеси, преку воспоставување на сертификација на своите членки, независни тела за комуникација со корисниците, прием и разрешување на поплаките и информирање на корисниците за нивните права.
Финансирање
Една од големите пречки во развојот на малите и средните претпријатија, особено оние од ИК индустријата е недостатокот на квалитетно и евтино финансирање на нивниот раст, развој и инвестиции.
Потребно е додатно стимулирање на финансиските институции за да се олесни патот до поевтин капитал. Исто така, потребно е основање на гарантни и инвестициски фондови и слични механизми, бидејќи во најголем дел малите претпријатија немаат доволно можности за колатерално обезбедување на финансирањето.
Нематеријални инвестиции и добра
Компаниите сè повеќе се потпираат на нематеријалните инвестиции и вредности во развојот на конкурентноста и растот. Тука спаѓаат разни вештини, организација, софтвер, поврзаност во бизнис мрежи, итн.
Кај нас не постои заедничка и општо-прифатена рамка за да се идентифицираат, измерат и да се извести за овие нематеријални добра. Таа треба да се развие, а значајна улога во ова треба да имаат бизнис асоцијациите, сметководствените асоцијации и државните институции.
Прифаќањето на оваа рамка од страна на претпријатијата значи тие да развиваат и употребуваат системи кои ќе ги препознаваат и пријавуваат нематеријалните инвестиции и добра, и тоа на начин кој ќе им биде лесно препознатлив на инвеститорите, вредносно изразен на пазарите на капиталот и ќе водат кон пракса на подобро управување.
Подобрување на вештините
Недостатокот на ИКТ вештини (но и бизнис вештини) се големи пречки во ефикасниот развој.
Државата има голема улога во давањето на базични ИКТ вештини уште во задолжителното образование. Исто така, таа има важна улога во соработката со едукативните институции, бизнисите и индивидуалните граѓани во давањето на рамката за промоција на ИКТ вештините во повисокото образование, работните обуки и во континуираното учење.
Улогата на бизнис асоцијациите е во координирањето и канализирањето на потребите на ИКТ претпијатијата и понудата на образовните институции, особено во екстра-едукативните процеси и високото образование.
Дигитални производи и информативни сервиси
Овој вид на производи и услуги се од сè поголемо значење и стануваат сè поголем дел од економската активност, а исто така им даваат значителни можности за работа на малите претпријатија.
Државата и приватниот сектор имаат клучна улога во овозможување на достапноста на содржините низ сите платформи и во охрабрувањето на локален развој на нови содржини, вклучувајќи ги и содржините од јавни извори.
Потенцијалните корисници на ИКТ компаниите, особено помалите претпријатија, немаат доволно информации кои се однесуваат на предностите на усвојувањето на ИК технологиите, како и цената на чинење на ова усвојување.
Приватниот сектор, особено бизнис асоцијациите, но и државните институции, имаат важна улога во подобрувањето на информирањето и координирањето, да обезбедат студии на случаи (case studies) и демонстрирање на употреба на технологиите и услугите.
Е-Влада
Поставувањето на информациите од државните институции on-line можат да ја подобрат ефикасноста и покриеноста на давањето на јавни услуги на малите претпријатија и да служат како узор и поставувач на стандарди за усвојување на ИКТ во малите компании.
Државата, низ сопствен пример треба да промовира технологии кај кои цената на чинење е минимална или ја нема, а со своето однесување не смее да предизвикува додатни трошоци кај малите и средни претпријатија и граѓаните со тоа што ќе ги приморува да користат скапи и заштитени продукти при довањето на јавни информации.
Широкопојасен достап
Потребно е да се стимулира воспоставување на квалитетна инфраструктура по поволни цени. Широкопојасната поврзаност (broadband) е клучен фактор во развојот, усвојувањето и употребата на ИК технологиите. Таа го забрзува придонесот на ИКТ во економскиот раст, овозможува иновација, промовира ефикасност и влијае на целиот синџир на поврзани бизниси.
Развојот на широкопојасниот достап овозможува поголема компетитивност, напредни мрежни сервиси, апликации кои се протегаат низ различни технолошки платформи, ги зголемуваат инвестициите во технолошката инфраструктура, содржини и апликации, технолошка неутралност помеѓу различни развојни технологии кои од своја страна ја промовираат интероперабилноста, иновацијата и проширување на изборите.
Државните институции можат да го демонстрираат потенцијалот на услугите и содржините базирани на широкопојасен достап.
Образованието, давањето на информации и услуги на државните институции на претпријатијата и граѓаните во голем дел можат да бенефицираат од широкопојасниот достап и треба да добијат приоритет во стратегијата на владата.
Мора да се обезбеди финансиска поддршка од јавни извори за недоволно покриени области и групи на корисници. Оваа финансиска поддршка може да биде и дополнување на приватни инвестиции таму каде што е потребно, но под услов да не ги гуши иницијативите на приватниот сектор или да ја спречува конкурентноста.
No comments:
Post a Comment