Sunday, April 29, 2007

Зен и уметноста на возење мотор

Всушност, јас и не сум типичен “моторџија”, така што не знам дали моето искуство и размислување може да се генерализира. Не сум од моторџиско семејство, не сум го вдишувал мирисот на бензин уште како дете во некоја гаража, поправо, мотор почнав да употребувам (и тоа е вистинскиот збор, барем на почетокот) на “стари години”, некаде околу мојата 35-та.

Со возење на мотори - или, подобро речено, “возила на две тркала со мотор”, бидејќи некои од нив всушност беа веспи - почнав да се занимавам од потреба. Ми се расипа автомобилот, на резервен дел требаше да се чека месец и половина, и - бидејќи беше лето (скопско, изгор) - си купив една веспа за да можам да се движам наоколу.




Првобитната мала веспа брзо помина во поголема и, конечно, во вистински мотор. И, тука почна вистинското задоволство.

Она што почна како потреба, заврши како пасија. Е, сега можам да кажам дека мирисот на бензин ми е влезен во ноздрите.

Оној кој не вози мотор не може во потполност да ги разбере чувствата на слобода, на блискоста со околината, но и моќ, моќ да се забрза, да се почувствува суровата сила на моќната машина. Моќ, потполно под твоја контрола.

Во прашање, барем кај мене, не е желбата да се импресионира некоја девојка - веќе одамна сум женет, ниту да се прават улични трки или да се почувствува опасност. Но, со завртување на рачката за гас, адреналинот неодминливо јурнува во крвта, срцето забрзува, со менувачот брзо поминуваш низ брзините нагоре и ти се чини дека ќе полеташ. Звукот на машината повеќе се чувствува низ вибрациите, отколку што се слуша - некако останува зад тебе. Мирисите на околината директно ти влегуваат во носот, а движењето на воздухот пријатно те освежува (како што рече еден мој пријател и колега-моторџија, моторите имаат вграден еркондишн и во основната верзија).

Стресот на секојдневното живеење брзо се растопува, поинаквиот начин на фокусирање го ослободува размислувањето, мозокот се релаксира и задоволството е бескрајно.

Ох, да - знам и за фројдовските теории за потсвесната замена на моторциклот со одреден дел од машката анатомија - пријателите понекогаш ме задеваат и ми докажуваат дека е така. Но, Фројд никогаш нема да го разбере односот помеѓу мене и мојот мотор. Тој никогаш не возел мотор. Во секој момент сум подготвен да заменам еден час терапија на некој психијатриски кауч за еден час "cruising" низ Скопје, во мирно летно неделно попладне. 35 км на час. И сакам да имам големо, моќно нешто помеѓу нозете, кој не сака? Мојот моторцикл, се разбира. А анатомијата ми е сосема во ред, благодарам на прашањето.

Во возењето најдов и други задоволства, а едно од најпријатните е кога мојот син ќе седне зад мене (за него морав да порачам специјална, мала, кацига дури од Италија). Тргнуваме, а тој подвриснува од задоволство, и знам дека го чувствува истото што и јас. Добро, тој малку сака да се прави и важен, само се загледува наоколу, како некој паун, и ме тера да свирнам кога ќе поминеме покрај некое другарче. Со сите сили се трудам да му ги објаснам опасностите и потребата од безбедно возење, употребата на заштитната опрема и најважното правило од сите, барем кога се вози на нашите улици: “Моторџиите никогаш немаат предност”.

Знам што ме чека: Штом ќе може да добие дозвола, ќе мораме да одиме во некоја продавница за мотори или веспи.

Ако мислите дека во еден текст за мотори ќе поминете без описот на мојата омилена машина, се лажете. Ниеден моторџија кој барем малку држи до себе не би го направил тоа.

Мојот избор не е стандарден, ниту Harley, ниту Indian. Се работи за Yamaha VMAX, повеќекратниот добитник на наградата „Best Musclebike”, а сега ќе ви објаснам и зошто е така. Срцето на овој снагатор е водено-ладено, 1200 кубни сантиметри, 16-вентилско, V-4 животно. Гутуралните звуци кои ги произведува кога е во лер не се слушаат со уво, туку со утробата. Гледан отстрана, моторциклот изгледа како да е некое диво животно-грабливец замрзнато во скок. Ако ова не е фројдовски, не знам што е. Ууупс!

Со целиот моторцикл доминира неговата машина, со впечатливи всисници за воздух кои изгледаат некако жил-верновски, ретро, извиени и насочени нанапред, како бродски труби. Сепак, ниедно делче не штрчи и некако природно е вклопено во рамката.

Секако, технологијата која е вградена е врвна, онаква каква што само јапонците можат да ја измислат - да не ве заморувам сега и со тоа. Само што овде успеале освен техника да вградат и страст, како кај некој Duccati или Triumph.

И така, останувам растргнат помеѓу потребата во семејството да купиме некој голем караван за да може да се натовариме со сите експедициски потреби кога одиме на одмор, или да си го набавам ова VMAX животинче, да бидам среќен до бесвест и да се гребам од брат ми за неговиот полу-автобус Chrysler Voyager (таман ни е доволен). Знам, ќе ја прашам жена ми!

No comments:

Post a Comment