Sunday, April 29, 2007

Писменце до мојот другар Горан „Копиљот“

Писменце до мојот другар Горан „Копиљот“, macedonian-american веќе десетина години во Чикаго.

Здраво Коп,
Баш убаво што испрати писменце.
Овде полека го преживуваме едно од најтоплите лета досега. Или мене така ми се чини, важно едвај останав цел после 45 степени скопско изгор лето. Додуша, гледано од историска перспектива, ништо не ми беше кога имав 20–25 години, дури ни на 45 степени. Сум станал к'о стар стоеден, па „кувам“ на најмала угорнина.
Македонија, сум ти раскажувал и порано, ти е светски економски феномен. На пример, секој ден на телевизија гледам стечајни работници кои по три–четири години не примиле плата, а веќе во следниот кадар истиот тој се зали дека има две деца на студии во Скопје и било скапо. Од сто ги плаќа децата, од сто живее, како може четири години да не прими плата и да оди на одмор (барем во Дојран), господ ќе ги знае.



Годинава, рекордна посета на сите времиња забележаа сите македонски туристички, полу–туристички и не–туристички центри. Компаниите за продажба на нови автомобили ги срушија сите рекорди, во кафеаните од сабајле до навечер се бара место повеќе и се чека на ред, цената на становите во Скопје, поради преголема побарувачка, достигна до 1300 евра/квадрат за "нормални", а до 5–6000 евра за "елитни" станови. Туристичките агенции збеснаа од навалици, а богами ни јас не можам да се одбранам од побарувачка на софтвер од големи корисници. Се отворија усте неколку приватни универзитети и сите се полни. Приватни знаци дека се плаќа студирањето, од 2500 – 8000 евра по семестар, што не е малку за наши прилики. По улиците фрчат коли како секој да има нафтен извор во дворот. Човек да се крсти со две раце!
"Инвестирање", прашуваш. Хм, најуносно претходната и оваа година беше да вложуваш во акции на македонската берза, која порасна во просек по 35%, а понекаде и до 200–300%. Си наоѓаш брокер, компјутер со интернет врска и претплата на „live feed“ од тргувањето со акции и ете ти бизнис.
Но, сигурен сум дека не би се нафатил на ова, и мислиш на нешто што претставува пореален „бизнис“. На пример, едни направија одличен профит со продажба на префабрикувани куќи, за кои ти треба бетонска подлога, се составуваат од готови панели на лице место за неколку дена. Слично имате и кај вас, мислам.

Кога јас повторно би почнувал, би избрал нешто помалку стресно и помалку интензивно. Мал хотел, селски туризам, мал, но луксузен ресторан, можеби спортски центар со тенис, базен, фитнес сала... Да речеме, некаде на Скопска Црна Гора, или на другата страна на Водно би отворил рекреативен центар со ресторанче, органичка храна, два–три апартмани, место за chill–out. Би додал и мала сала за состаноци, да привлечам фирми кои имаат потреба од убаво место за состанок со своите клиенти, а да не треба да одат далеку од градот. Земјата сеуште е релативно евтина, воглавно има добра инфраструктура (струја, вода, интернет ...). Релативно мала инвестиција (од око, околу 200.000 евра), усте ако можеш да се финансираш со "странски" кредит, можеби и би успеало.
Но тоа сум јас, можеби ти сакаш нешто подинамично и со поголема заработка, мене ми е доста од „брзо“ живеење.
Како и да е, секој бизнис си има свој ризик, и треба да си добар во него за да успееш. И не верувам дека било кој може да ти даде успешен рецепт со кој „сигурно“ би успеал.

Е сега, од друга страна, би си дошол овде, „во родината“, со пријателите, ќе те поздравуваат на секое ќоше, старите ќе се смират, ќе седиме во Ирски паб на Кеј и ќе си раскажуваме „воени“ приказни за тоа како беше порано, ќе шмекаме женски, ќе пиеме пивце и ќе крцкаме крилца на жар ...

Тоа ти е.

Поздрав, Ванчо

No comments:

Post a Comment