Sunday, April 29, 2007

Нема правда, нели!

Во Македонија за криминалот и корупцијата, дури и кога имате точни податоци, ревизорски извештаи, констатирани дела и злодела и живи и здрави извршители, осомничени, соучесници и сведоци - малку што можете да направите. Новинарски ви останува само да ја раскажете приказната којашто, се чини, сите ја знаат и за којашто никој ништо не презема.
Неодамна беше објавено дека Васил Тупурковски, Антонио Биков, Сашко Станинов и Марјан Ивановски, поради своето раководење со Агенцијата за обнова и развој (АОР) и нејзината наследничка, Агенцијата за развој и инвестиции, наскоро, наводно, ќе се најдат на обвинителна клупа во врска со злоупотребите и криминалите со Агенцијата во периодот 1999-2002. Тоа се годините од власта со Македонија на трилингот Георгиевски, Џафери и Тупурковски, односно, потоа, само ДПМНЕ-ДПА.

(Текст на Сашо Орданоски објавен во магазинот „Форум Плус“)
(Research на финансиските податоци: Ванчо Орданоски)




ЛАКОНСКИ ИЗГОВОРИ
Проблематичната работа на Агенцијата и имињата на Тупурковски, Биков, Станинов и Ивановски беше апострофирана од Државната комисија за спречување на корупцијата уште во декември 2004 г. Тогаш следуваа жестоки реакции од страна на Станинов ("Оние што беа пред мене и по мене сторија криминал во Агенцијата. 70 отсто од тајванските кредити беа одобрени без обезбедувања" и сл.) и Тупурковски (тој ја обвини Државната комисија дека е "инструментализирана" за политичка пресметка и дека "селективно го истражува криминалот во земјата", со цел "да ја сокрие реалната криминална слика во државата").

Државната антикорупциска комисија го оспори начинот на кој се делени кредити од Агенцијата во висина од 18 милиони долари, а нејзиниот претседател во 2004 г., Јован Трпеновски, ги обвини раководителите на Агенцијата дека се вмешани во незаконско делење на агенциските кредити.

Впрочем, уште кога на почетокот на 2001 г. ја преземаше должноста на чело на Агенцијата, по растурањето на односите меѓу ВМРО и ДА во ноември 2000 г., Станинов на затворена седница на тогашната влада презентираше долг список на привилегирани функционери на ДА и пријатели на Тупурковски кои добиле повластени кредити, а ни пристигнатите рати не ги плаќаат. Тогашниот министер за финансии Никола Груевски предупредуваше дека хаотичното работење на Агенцијата ќе доведе до проблеми во односите со ММФ.

Но, Тупурковски лаконски негираше дека имало злоупотреби и сите обвинувања ги припишуваше - токму како и денеска - на желбата на ВМРО политички да се пресмета со него. Во интервју за ТВ А1 на почетокот на 2001 г. популарниот Циле, во стилот на уважен професор на правните науки, ќе изјави дека тоа што функционери на ДА и негови пријатели добивале најповолни кредити е резултат на "непостоењето на закон со кој би се санкционирал конфликтот на интереси".

ВО КРУГ ПО ОПАШКАТА
Во март 2004 г. Државниот завод за ревизија го објави својот Извештај за работата на Агенцијата во 2002 г. Комплетниот извештај, што е долг четириесетина страници, опфаќа активности во период од неколку години и пред 2002 и е потпишан од помошникот на главниот државен ревизор Владо Милојевиќ. Извештајот може да се најде на www.dzr.gov.mk. (Патем, Државниот завод за ревизија навистина би можел да послужи како урнек за тоа како може да се работи транспарентно, бидејќи на неговиот веб-сајт се објавени сите комплетни ревизии што ги спровела оваа институција.) Извештајот изобилува со констатации за различни фрапантни неправилности и кршења на законите во работата на Агенцијата.

Она што збунува е што во случај на основани сомневања за сторен криминал, Државниот завод за ревизија копија од своите извештаи автоматски испраќа до Јавното обвинителство, кое е надлежно за покренување соодветна законска постапка за гонење на сторителите. Во овој случај, нејасно е зошто Обвинителството, година ипол по државната ревизија и единаесет месеци по реакцијата на Државната комисија за антикорупција, дури сега срамежливо, преку неодредени написи низ медиумите и со нејасен извор на информациите, најавува покренување постапка за одговорните во Агенцијата - ако таква постапка воопшто и се покрене?!

Се обидовме за ова повеќе да дознаеме во Јавното обвинителство. Резултат: Александар Прчевски е на пат, генералниот секретар на Обвинителството, Сашо Раичевски, не може ништо да каже без Прчевски, а за заменикот јавен обвинител, задолжен за водење истраги за организиран криминал, Јован Илиевски, во Вишото јавно обвинителство ни рекоа дека нема секретарка, а во канцеларијата во која упорно го баравме - не можевме да го добиеме. Да потсетиме, Јавното обвинителство на Македонија е единствената институција која нема портпарол, па нашата новинарска потрага по релевантни информации си ја "гризна опашката": без Прчевски ништо, а тој или е на пат, или е презафатен со новогодишните "изненадувања" што неделава ги најави премиерот Бучковски.

ТОТАЛЕН ХАОС
Од извештајот на државниот ревизор се стекнува впечаток дека во Агенцијата за обнова, развој и инвестиции владеел тотален хаос во водењето евиденција, во билансирањето на приходите и расходите, во документирањето на проектите и кредитите, како и во сите други сфери од постоењето на овој државен орган, почнувајќи од неговиот проблематичен правен идентитет, до сметките за испиените сокчиња и кафиња. Ревизорот вели дека "финансиските извештаи на Агенцијата не се изготвени врз принципите на основните сметководствени начела (наш курзив - н.з.) на буџетското сметководство кое претполага исплатените износи на средствата да се признаваат како трошок, а наплатените средства како приход".

Со други зборови, ни ревизорот не можел да утврди која е реалната состојба во финансиското работење на Агенцијата - неколку години по нејзиното основање!

Ревизорскиот извештај констатира бројни случаи на ненаменско користење на средствата на Агенцијата, за патни и дневни трошоци, за материјали и други оперативни трошоци. Ненаменски се трошеле милиони денари преку кредитни картички, а за близу два милиони денари потрошени за авионски билети (само во 2002 г.) - не се приложени билетите дека патувањата се навистина направени. Прикажувани се илјадници денари сметки за гориво за автомобили што воопшто не се сопственост на Агенцијата, а бројни сметки за одржување на возилата се за туѓи автомобили. За рентирање возила во 2002 г., на пример, се потрошени околу 940 илјади денари, без донесено решение од страна на директорот.

Се давале аванси и се правеле исплати за физичко обезбедување на објекти, за адвокатско застапување на Агенцијата, за прекувремена работа на вработени и сл., иако за тоа не е правена соодветна документација. На пример, потрошени се 450 илјади денари за купување мапи за фрески, икони и резба, без приложени сметки за набавката и приемот на истите. Склучувани се договори за дело "нереално и необјективно прикажани", со избегнување на персоналниот данок од доход.

Спротивно на законот, за извршените јавни набавки не е воден регистар, не се спроведени законски постапки, немало понуди од најмалку три добавувачи итн. Незаконски се трошени пари за канцелариски материјали, за пијалаци и храна, за информатичка опрема, за разни услуги... Во Агенцијата не се правени пописи, не е воден записник за залихите, за побарувањата и обврските, а фактурите неправилно се евидентирале.

ВЕСЕЛИ КРЕДИТИ
Ревизорот констатирал и бројни незаконитости и нерегуларности во поставеноста на Агенцијата, нејзиното несоодветно регистрирање и извршување дејности за коишто немала законска основа. Агенцијата се задолжувала со странски кредити за финансирање на инфраструктурни проекти (на пример, 20 милиони американски долари од УСАИД), а парите се искористени за сосема други цели - од изградба на деловен простор, преку купување јуници, до откуп на тутун! Така, на пример, преку скопската фирма Тикон во 1999 г. е вршена дистрибуција на близу 6 милиони германски марки за заинтересирани лица кои купувале жива стока, но Агенцијата не водела евиденција, ниту имала документирани сознанија како Тикон ги делел кредитите (ако, се разбира, воопшто ги делел) на заинтересираните лица.

Зделките за откуп на тутун во 2000 г., пак, преку фирмата Југотутун од Свети Николе, според извештајот на ревизорот, направиле штета во Агенцијата што се проценува на близу 20 милиони денари.

За кредитните линии од Тајван (5 милиони долари) ревизорот констатирал непостоење "соодветна документација од каде би се видела намената и начинот на користење" на парите. Ревизорот констатирал дека не виделе документ со кој директорот на Агенцијата бил овластен од Владата сам да решава како ќе ги дели кредитите.

Затоа и не чуди што за околу 1,7 милиони американски долари нема кредитна документација за условите за доделувањето на кредитите на 10 кредитокорисници, а за доделените близу 3 милиони долари документацијата на 3 кредитокорисници е некомплетна.

Двајца кредитирани, во висина од 512 илјади долари, воопшто не ги остварувале условите за да ги добијат кредитите. Дваесет кредити (близу 6 милиони долари) се дадени врз основа на хипотека или залог што го поднеле кредитобарателите, но без направена овластена проценка на хипотеката, односно залогот. Со други зборови, "на жими мајка"! Но, 22 други кредити (односно околу 3,5 милиони долари) се исплатени без никакво обезбедување! За 12 кредити од близу 3 милиони долари ниту ревизорот не добил на увид соодветна документација.

И така натаму и на тоа слично. Ревизорот на десетици и десетици страници објавува стотици детали за незаконското работење на Агенцијата, со вредност што се мери во десетици и стотици милиони денари.

ПРИЈАТЕЛСКИ ФИРМИ
Ако, пак, отидете низ списокот финансиски нерегуларности и злоупотреби во градењето, продавањето и откупот на станови што го правела Агенцијата, парите што се наведуваат тежат милиони и милиони евра, но точно колку, тешко е да се собере.

Бројни се фирмите кои се спомнуваат во извештајот на ревизорот со кои Агенцијата правела бизниси, но за кои документацијата е несредена, некомплетна или сосема непостоечка. Давани се аванси и позајмици што никогаш не се враќани и кредити за кои не постои банкарска евиденција за што и како се доделувани. На пример, во таа категорија спаѓаат 120 илјади долари за АД Нова Македонија, 180 илјади долари за МХК Злетово, околу 1 милион и 350 илјади долари на Алмако вино био од Охрид, на Еуротел од Скопје два пати му се исплаќани исти фактури, слично како и на Технометал Вардар.

Но, за градежните активности и неправилностите во работењето на Агенцијата со, на пример, Урбан инвест од Кавадарци и скопските Полар и Конартис би можело да се издаде повеќетомна ревизорска тетратка "тешка" милиони евра. Во многу од зделките ревизорот констатира "неосновано прибавување имотна корист".

Се разбира, забележливо е што повеќето од спомнатите фирми во извештајот (а ги има, отприлика, стотина), особено оние со кои се правени милионски зделки, се блиски или пријателски на тогашната власт, водени од партиски луѓе на ВМРО-ДПМНЕ и ДА, односно пријатели и соработници на директорите на Агенцијата. Исто така, многу од фирмите што земале кредити на начин што го фрапирал и државниот ревизор, потоа се банкротирани и денеска воопшто и не постојат.

ТАЖЕН ЕПИЛОГ
И, сега, што понатаму? Обвинителството не може да се добие, како и повеќето од службениците и раководителите на Агенцијата со кои се обидувавме да стапиме во контакт. (Единствено со д-р Тупурковски имавме едночасовен неофицијален разговор, но и од него во договорениот рок не ја добивме официјалната изјава за случајот.) Државната антикорупциска комисија кажа што кажа, а сите замешани политичари и други високи државни службеници, ни лук јале ни лук мирисале, си ги продолжуваат политичките и стопански кариери како ништо да не било.

Само ние, новинарите, троа ќе лавнеме, колку да заработиме по некоја закана или кривична пријава за клевета и навреда, за да и ја смириме совеста на Македонија дека забрзано се интегрира со Европа.

1 comment:

  1. Епа еве сепак имало правда. 3 години затвор за Циле и 2 години за Андонов.

    ReplyDelete