Ако се погледаат извозните биланси на нашите информатички компании - особено кон Косово - ќе испадне дека Македонија спаѓа во самиот врв на извозници на овој вид опрема.
Многу пречки ги ја очекуваат новата ИТ компанија М-Сан по нејзиното влегување на македонскиот пазар. М-Сан пред неколку дена ја презема македонската фирма Паком во обид што побрзо да се воспостави во нашата земја.
Но, предвидуваме дека ова нема да оди така лесно. Да не бидеме погрешно разбрани, М-Сан и Паком се добри компании: М-Сан е водечка во Хрватска, а Паком добро етаблирана, иако не многу голема во Македонија. Проблемите, едноставно, се вон контрола на овие фирми, а за жал, и вон контрола на македонските власти.
Неодамна, еден мој пријател и колега од една наша голема ИТ компанија, ми се пожали дека повеќе не им се исплати да увезуват компоненти и да склопуваат компјутери кои потоа би ги продавале. Посочи една група на македонски (прилично рекламирани и развикани) фирми кај кои продажните цени им се еднакви на неговите набавни. Значи, таа група фирми на некој начин успева или да добие многу ниски цени за истите или слични компоненти кои другите ги купуваат поскапо, или имаат други патишта со кои се снижуваат набавните вредности. Добрите познавачи на далекуисточните набавки веднаш ќе ви кажат дека количинските дисконти при набавка одат само до одредена мерка. На вакви дисконти веројатно се надева и М-Сан, бидејќи со високата продажба во Хрватска сигурно добива прилично ниски цени од "кинезите".
Вистинските "дисконти", меѓутоа, не се добиваат на чесен начин. Една од омилените варијанти на македонските "успешни" ИТ фирми се вика "реекспорт". Сигурни сме, ако се погледаат извозните биланси на нашите информатички компании - особено кон Косово - дека ќе испадне дека Македонија спаѓа во самиот врв на извозници на ваков вид опрема. Само што, опремата никогаш и не ја напушта државава. Се изработуваат потребните документи, кобожемски се врши извоз, "извозникот" си го побарува и добива својот законски поврат на ДДВ, а стоката останува во неговиот магацин. Ооопс! Веднаш е добиен додатен "дисконт" од 18%.
Се разбира, овие матни зделки тешко се докажуваат бидејќи се прават во четири очи, но посредни докази има неколку. Највидливот од овие докази е постоењето на два вида цени: за "на фактура" и за "во кеш". Овие вториве, за готовина, се пониски од оние кои се плаќаат преку жиро сметка. И повторно ооопс! Најчесто, готовинските продажби не се пријавуваат и донесуваат екстра-профит од уште 18%! Ваквите ценовници не се тајна и безобразно отворено се дистрибуираат до секој што ќе ги побара.
Кога овие два "дисконти" ќе се спојат, лесно се добива математика дека нелегалната предност на ваквите фирми е најмалку 20-22% во однос на набавните цени кои можат чесно да се постигнат. Тешко е да се поверува дека и големи купувачи во Тајван и Кина како што е М-Сан ќе можат да постигнат ваква голема разлика во цената на компонентите.
Проблемот е додатно влошен и со голема "сива" продажба од поситни шверцери, кои продаваат преку огласи или со "директен маркетинг". Само треба да се отвори било кој од бесплатните огласници (тие не трошат пари ниту на реклами!) и да се добие листа од најмалку дваесетина продавачи на "евтини компјутери".
Иако некои со кои разговарав рекоа "Па што, нека добие народот евтини компјутери!", токму народот е тој кој има најголема штета од ваквите полу-сиви и сиви продавачи. Нивните гарантни услови, кои можеби ги има на хартија, тешко или никако не се исполнуваат, нема сервис, загарантирани резервни делови, поддршка, легален софтвер, само гола продажба. Лошите искуства на купувачите на ваква опрема се бројни и скоро неизбежни.
Индиректната штета, која се мери со милиони долари кај чесните македонски ИТ компании, и не е само во пари. Губитоците кои се создаваат влијаат и на развојот на информатиката и информатичкото општество. Спротивно на оние кои тврдат дека земјоделието е иднината на нашата земја, не е така. Иднината мора да биде во интелектуалните услуги, во информатиката и во "продавањето памет".
А на М-Сан, му посакуваме добредојде на боиштето. Welcome to the club!
(текстот е објавен во „Форум-Плус“ магазин)
No comments:
Post a Comment