Saturday, March 15, 2008

е-Трговија во Македонија - да или не?


Ова се моите размислувања за состојбата и можностите за отворање на е-Продавница во Македонија. Ги пишував како рационализација за програмирање на еден плагин во рамките на Македонскиот Wordpress тим. Мислам дека е интересно да се постави и овде (во благо едитирана форма).
(…продолжете да читате после скокот…)

Се стекнаа услови?

Да, мислам дека кај нас, во Македонија, конечно се стекнаа сите услови за воспоставување на е-Продавници во вистински смисол на зборот. Да видиме: има законски решенија, доволно кредитни картички, а сметам дека и трговците полека се освестуваат.

Најважно, во втората половина на 2007 конечно се спуштија цените на broadband достапот до Интернет. Овој тренд би требало да продолжи во втората половина на оваа, 2008, година, бидејќи очекуваме дотогаш да профункционираат новите Wi-Max оператори. Тоа ќе створи нов притисок на постоечките провајдери да ги спуштат цените. Зошто е ова „најважно“? Затоа што многу корисници на Интернет, значи и многу потенцијални купувачи. А тоа е она по што продавачите ќе се затрчаат.

„Пластиката“ стана нормална работа, луѓето разбираат што значи тоа да платиш со кредитна картичка, а веќе се достапни секому и доволно раширени (можеби и премногу, но тоа е друга приказна).

Што има готово?

Во моментов работам на два сајта со е-Продавници. И ниеден не е со Wordpress. Користам Zen Cart, а постојат и други: пра-дедото на многу други решенија OS-commerce, па Magento, CreLoaded и да не набројувам понатаму, прогуглајте малку и ќе најдете уште мал милион.
Сите овие (освен можеби Magento, но тој е сеуште во бета) имаат одлични шопинг кошнички, очајно се структурирани, дешператно организирани во поглед на темплејтите, а многу им фали токму она што го има Wordpress - добар систем за оставање на други информации, постови и слично.
Имено, се покажува дека компаниите кои сакаат да продаваат, сакаат да поостават и други информации на своите сајтови - за себе, упатства, најави, knowledge base, итн. И тоа да биде лесно, едноставно и без програмери.
Како што реков претходно, има само еден колку-толку употреблив плагин на компанијата Instinct, но нивниот сајт изгледа мртво веќе повеќе месеци и нема никаква поддршка. Освен тоа, плагинот нема „приклучоци“ за нашите банки и процесори, а му недостасуваат и одредени опции.
Се обидов да контактирам со нив уште пред три-четири месеци, но не добив никаков одговор.
Треба да го разгледаме овој плагин и можеби да се надградиме на него, иако имам и други идеи за тоа што би можеле да опфатиме. Но, за тоа во друг пост.

Проблеми, проблеми

О, не е сè совршено, има проблеми:

  • Прво, нема солиден, над-банкарски процесор на трансакции. Велам „солиден“, па не ми го споменувајте „CaSys“ - тука е веќе над две години (ако добро се сеќавам), и сеуште нема направено ниеден чекор да воспостави процесирање.

  • Натаму, и банките сеуште не се многу заинтересирани за отворање на трговски (merchant) акаунти за продавачите. Она што го нудат е со огромни провизии (над 5,6, па дури и 7%). Преку ИКТ Комората ја притискаме Владата (сега веќе не знам која) за да ги притиска банките да олабават малку.

  • Нема воспоставени посреднички (escrow) компании. Знаете, она кога никој никому не верува: јас ги давам парите на чување кај посредникот, кој му ги дава на продавачот дури кога ќе потврдам дека сум ја примил стоката што сум ја купил.

  • Интернет провајдерите, особено хостингот кој го нудат, се очајни. Погледнете ги пакетите кои ги нудат, па ќе ви стане јасно (Првиот употреблив пакет на мт.нет, на пример, чини 11.000 денари годишно, скоро двојно од странците). Но, тука се помрднува работата по малку, а секогаш ни остануваат и добро етаблираните странски хостинг компании. Да живее Интернет демократијата!


No comments:

Post a Comment