Овој ми е помил од сопствениот. Денес, син ми Петар наполни 15 години.
Се сеќавам како, пред 15 години (нели), на овој ден, ја однесов мојата драга Ана во клиниката во Чаир да се породи. Чекавме, јас, брат ми и татко ми, до 11 часот вечерта (беше топла ноќ, мајска), додека да не известат дека животот неповратно ми се променил - сум станал татко на здраво машко дете.
Деновиве, Петар е умен млад мал човек, сеуште по малку зелен, но одличен ученик, добар клавирист, добар кошаркар, и - веројатно на татко му - поминува по неколку часа дневно на компјутер. Знае сѐ за сѐ (пак на татко му, претпоставувам), го нервираме одвреме-навреме (негови зборови), но е одговорен и - сеуште - нѐ слуша кога му зборуваме за угорнините и надолнините во животот. Ана и јас уживаме кога сме со него и се радуваме што израснува во паметен дечко.
„Леп на оца, паметан на тату“ - што би рекол мојот стар другар од војска, црногорецот Вук, викан Вучко. (Ако е црногорец, мора да се вика Вук).
Сосема во согласност со неговиот карактер, Петар денес инсистираше да ни испече скара - вкусно, пилешки стек, ќебапи и колбаси. Нормално - повторно сосема во согласност со неговиот карактер - ние купивме сѐ. Малку си е скржав, си ги чува парите, хехе.
Еве, сега во градината му се дојдени на гости неговите пријатели, јадат торта, има Кока-Кола и други грицки. Добро се забавуваат, колку што можам да заклучам. Со Ана само ѕиркаме низ прозор, не сакаме да го вознемируваме пред пријателите.
Знам, ќе дојде потоа и ќе ми предложи „да утепаме еден филм“ и ќе изгледаме некоја епизода на „Стар Трек“ или „X Files“ - неговите омилени серии. Крушата не паѓа далеку од дрвото, ова се и моите омилени.
No comments:
Post a Comment