Нема да се занимавам со политичките заврзлами кој и како го прати Брат Љубе да се одмара во ладовината во Хаг. Ќе ви кажам зошто - заради моето семејство - треба да си седи таму и никогаш да не го пуштат.
За време на војната со албанските терористи, јас, заедно со мојот брат Сашо и другар ми Ѓунер го водевме магазинот „Форум“ (кој, фала на прашање, и денес убаво си функционира). Исто така, го водевме и ok.mk - најчитаниот македонски сајт во странство (сега нефункционален, за жал).
Се обидувавме да внесеме малку трезвеност во тоа време на (и буквално) експлозивни изливи на национализам и шовинизам. Се обидувавме да ги разбереме и двете страни, иако - веднаш да кажам - ниту тогаш, а ниту сега, не го одобрувам оружјето како начин да се бори за своите права во 21 век, во Европа, како што направија тогаш албанските терористи, на чело со Али Ахмети и останатите криминалци и убијци од Шипковица и Зајас.
Но, конфликот исфрли на површина многу криминалци и убијци и од другата страна, а тие беа предводени од највисоките државни функционери, пред се од Љубе Бошковски.
Поради написите и активностите во „Форум“ и на ok.mk, станавме мета на сите овие криминалци - и од двете страни.
Непрекинато не набљудуваа по неколку тајни служби: македонската, терористичката, но и други странски агентури (веројатно можете да ги погодите). Постојано бевме под закана дека нешто ќе ни се случи. Глдеавме секогаш да влегуваме и излегуваме кога надвор е ден. Се шегувавме (кисело) дека веројатно едните би не одбраниле од другите за да можат тие први да ни наштетат.
Пред седиштето на фирмата гледавме постојано по некој паркиран автомобил со луѓе кои, кобожемски, чекаат некого. Наеднаш, престана да ни работи caller id функцијата и на службените и на домашните телефони - веројатно техниката им била малку поназадна, па не можеле низ своите машини да го пропуштаат и овој податок.
Каде и да одевме надвор од фирма, особено во некоја кафана, на пример, секогаш имаше по неколку луѓе кои седеа околу нас и ништо не разговараа меѓу себе, само со по едно кафе и кисела вода пред себе. Веќе почнавме и да ги препознаваме, изгледа дека немаа толку слободни оперативци за постојано да ги менуваат.
Постојано примавме „поздрави“, закани скриени во навидум безначајни реченици од некои луѓе со кои никогаш не сме биле пријатели, а уште помалку сме се поздравувале.
По весниците блиски до тогашната власт се појавуваа написи во кои се денунцираше се’ што е поврзано со нас. Се сеќавам на еден напис во Нова Македонија (тогаш предводена од Слободан „Шачуле“ Чашуле) во кој се напаѓа дури и татко ми, бил офицер во ЈНА, па по таа логика ние сме биле „антимакедонци“. (BTW, татко ми навистина беше офицер во бившата ЈНА, но таму беше лекар-стоматолог и се пензионираше во 1988).
Но, имаше и директни јавувања, со директни закани. Бев сведок на неколку од нив, од кои барем две беа баш од Љубе Бошковски, а останатите со сигурност инспирирани од него. Сеуште ги чуваме касетите со снимките. На една од нив, снимена кога Брат Љубе се јави дома кај брат ми (а и јас се погодив таму - сигурно јавувањето не било случајно) - тој се заканува дека ќе го убие него и семејството, ќе ме стави мене и моите во затвор, мајки, шајки и што се’ не. Директно и со нескриени зборови. Сашо го пушти на спикер и го слушавме сите. Се преплашивме, ѕиркавме дали има луѓе или автомобили пред куќата. Во тоа време не чуваа и едни други - пријателски - луѓе, и се надевавме дека се будни и во околината.
Се подготвував да го носам семејството надвор од Скопје, на побезбедно, а сериозно размислував да побарам азил во некоја западна држава.
На враќање од Битола, каде што го оставивме синот кај дедо му и баба му, почна да не следи едно црно BMW без таблици. Се сеќавате на таквите, нели? Овој почна да вози на еден метар зад нас, потоа не престигна и почна да успорува. Само што почнав да мислам какви ми се шансите да преживееме, стигнавме во Росоман, и паркирав пред тезгите каде што се продава овошје и зеленчук. За среќа, имаше многу луѓе. Останавме тука околу 45 минути. Црното BMW застана 50 метри подолу, постоја околу 15 минути и замина. Изгледа дека му се здосади да чека. Ние дочекавме момент кога две-три коли со скопски таблици тргнаа од паркингот и заедно со нив појдовме. На автопатот возев 190 на час и здивнавме дури откако влеговме дома.
Некако ситуацијата се смири, дојде Охридскиот договор и бившите терористи и „бранители“ станаа политичари.
Се почувствуваме побезбедно. Решив да пробаме да се отселиме од тука, дури отидов и до Нов Зеланд да видам како е таму, но сепак се вратив - можеби ќе жалам за тоа подоцна.
Дојдоа изборите во 2002. Повторно притисоци. Повторно закани. Новинарите открија дека Љубчо “Бугаринот“ и Брат Љубе дури размислувале и повторно да започнат војна за да останат на власт. Немојте да мислите дека неколкуте „зољи“ во полициските станици во тетовско беа испукани од албански терористи.
Љубе почна отворено да се заканува. Овојпат по весници и на телевизија. Обвини дека “одредени новинари шират западни сценарија за да ја уништат владата на премиерот Љубчо Герогиевски“. Ова се негови зборови.
Од пријатели дознавме дека Брат Љубе ја довршува листата за апсење, а на прво место е брат ми Сашо. За нас останатите спремал „нешто друго“. Можам да претпоставам - ненадејна тешка сообраќајка во која 20-тонски камион „од непознати причини преминал на спротивната страна на патот“, или такво нешто.
Хистеријата на тогашните ВМРО-вци достигна врв. Ги обвинуваа сите и секого. Странци, домашни, било кој кој беше против нив. Во државните медиуми повторно почна денунцирањето. Повторно бевме под постојан надзор на ДБК.
Еве ви и неколку линкови во кои се опишува оваа ситуација во странските медиуми:
За среќа, под интензивен притисок на странските фактори, ова не се оствари.
Дента кога Љубе го испратија во Хаг, честев во кафана. Кога пријателите ме прашуваа зошто, не им кажав. Само реков: „Курбан“.
No comments:
Post a Comment