Sunday, April 29, 2007

Error на Владата

Во следните неколку постови, ќе ги поставам моите текстови посветени на несреќниот договор склучен пред три години помеѓу тогашната Влада и Microsoft за опремување на државните институции со софтвер од M$.

Мислам дека темите се сеуште актуелни и дека ние, граѓаните на Македонија, уште долго ќе ги чувствуваме последиците од оваа зделка.

Би сакал да истакнам дека текстовите во никој случај не се против Мајкрософт сам по себе, бидејќи сметам дека тие имаат и понекои добри производи (земајќи дека мораат да работат на Windows, нели), можеби понекогаш лошо или неспретно изведени, но ...





Не постои дилема дали Мајкрософт е светски монопол, затоа што за тоа веќе му судеа или му судат и тоа од обете страни на Атлантикот. Прашање е дали ние ќе допуштиме уште еден монопол во Македонија сличен на оној со „Окта". Работите во таа насока се забрзуваат: на први октомври вицепремиерката Радмила Шеќеринска, која е на чело на владиниот тим за преговори со Мајкрософт, изјави: - „Паранојата е непотребна, писмото за намери не значи и постигнат договор". Но веќе следниот ден излезе соопштение од Владата дека таа се залага за брзи и ефикасни преговори со Мајкрософт за итно постигнување на договорот, со кој ќе се овозможи користење на нивната информатичка технологија.

На Македонија во овој миг и’ недостасува конкретна информатичка стратегија. Сè е поизвесно дека Владата ќе се реши нејзината администрација да го користи софтверот на Мајкрософт, така што достапноста преку електронски пат до владините чиновници на граѓаните ќе им биде овозможен само преку него. Основните функции што треба да ги исполни една ваква стратегија се: слободен достап на граѓаните до јавните информации, трајност и безбедност на податоците. Не смее да се дозволи граѓаните да бидат приморани да употребуваат софтвер кој го произведува само една компанија (во овој случај Мајкрософт), само затоа што нивната влада решила дека тоа треба да биде единствениот начин за комуникација помеѓу неа и граѓаните. Нашата Влада ги уценува граѓаните да мораат да имаат софтвер од Мајкрософт за да не бидат електронски екскомуницирани од владините институции.
Трајноста на податоците мора да се обезбеди со чување во формат кој е универзален и отворен. Овде мора да се потенцира значењето на „отворен". Државата не смее да дозволи да зависи од еден производител на софтвер, кој утре може да се налути, искаприцира, да ја загуби добрата воља или може да нè уценува со измислување нови лиценци за употреба на неговиот софтверот при трансфер на јавни податоци. Што би се случило ако, на пример, за едно 15 години Мајкрософт донесе одлука дека веќе не смееме да го користиме неговиот софтвер?
Безбедноста на податоците како гарант за безбедноста на државата и националната сигурност не треба посебно да се објаснува. Она што посебно загрижува е недостаток на информации дали можеби производителот во својот софтвер не оставил некаква „мала врата“ низ која би можел неовластено и по своја воља да влегува во нашите информации.
Нашата влада не треба нужно да го исклучи Мајкрософт, како ни кој било друг производител на софтвер. Но не треба ниту да му дозволи монопол.

Авантура на Владата
Што, освен еднократен попуст во цената, ќе ни донесе најновата авантура на Владата - потпишувањето „стратегиски“ договор со Мајкрософт. Некакви ветувања за локализација на дел од софтверот, ветувања за помош на образовни институции, и тоа е сè.
Се претпоставува дека „првиот бран“ на легализација на софтверот во владините институции ќе опфати околу 7.000 компјутери. Нето-ефектот за Мајкрософт ќе биде околу 2 милиони евра.
Ако се знае дека локализацијата на софтверот чини 5-6 милиони долари јасно е видлив дебалансот на штета на светскиот гигант.
Бидејќи Мајкрософт не би бил компанија со 50 милијарди долари готови пари депонирани во банка, ако толку лесно подарува пари наоколу, тогаш постои друга намера зад овој договор. А тоа е трајна и целосна зависност од софтверските производи на Мајкрософт. Најверојатно на англиски јазик, затоа што локализацијата е само опција и ветување, а не и обврска. Корисникот практично е обврзан да се надградува со секое ново издание на софтверот. А тука ќе нема попуст, се плаќа полната цена.
Владата заборави да го примени Законот за јавни набавки, стапувајќи во директни преговори со Мајкрософт.

Слободен софтвер
На другата страна е движењето за отворен софтвер. Изворниот код на ваквиот софтвер е достапен за сите. Секој може да го надградува и доработува, под услов своите измени повторно да ги стави во слободен оптек. Тој не припаѓа никому, а истовремено им припаѓа на сите.
Една од главните причини поради која владите на многу држави се решаваат за отворениот-слободен софтвер е и цената на чинење. Оперативниот систем Linux може да се најде и бесплатно, но со едногодишна поддршка од сериозен производител чини 70$. Windows XP Pro чини 190$.
Францускиот парламент предложи закон кој се однесува и на достапноста на изворниот код за софтверот кој се употребува во државната администрација и на употребата на отворени стандарди. Аргентинското собрание го разгледува предлогот за задолжителна употребата на отворениот софтвер во сите владини институции и јавни претпријатија. Германската влада го финансира развојот на отворениот софтвер за енкриптирање (шифрирање) на приватните податоци, поради извозните ограничувања кои САД ги имаат за оваа технологија.
- Европската комисија воспостави „Европска работна група за слободен софтвер", која заклучи дека ЕУ треба да размисли за задолжителна употреба на слободен софтвер „каде што е тоа можно". Во Азија, наместо да воведуваат закони, владите едноставно набавуваат и употребуваат слободен софтвер.
Кинеската држава реши во своите институции да инсталира Linux од сопствениот производител Red Flag, во обид да ја намали зависноста од компаниите од САД, особено од Мајкрософт.

Пиратерија
Главен аргумент на лобистите да мораме да потпишеме договор со Мајкрософт е 90-процентната нелегалност на софтверот во Македонија. Иако имаме соодветни закони, освен неколку спектакуларни затворања на продавници на илегално копирана музика и софтвер пред некој месец, Владата не презема ништо. Ниту во својот двор. Секојдневно се вршат набавки на нови компјутери и ретко каде се бара лиценциран софтвер.
Со договорот кој Владата сака да го потпише, ќе биде осудена во овие нови набавки да го купува софтверот на Мајкрософт. Колку за информација, еден комплет „оперативен систем + канцелариски софтвер“ чини околу 700 долари, повеќе од самиот компјутер.

(Текстот е објавен во магазинот „Форум“, октомври 2003 година)


No comments:

Post a Comment