Thursday, February 07, 2008

Тендер за набавка на компјутери за учениците - каде се пропуштените шанси? (Втор дел)


Во продолжение е даден текст кој јас го пишував во 2007 година, веднаш после објавувањето на „Тендерот за набавка на компјутер за секое дете“. На овој додатен пост се одлучив после објавувањето на извештај во весникот „Вест“ во кој се анализира денешната состојба на проектот.
Сите дадени анализи и факти важат и ден-денес, и уште повеќе, се покажаа како точни.
Денес, имаме ситуација дека се доцни со инсталацијата на компјутерите по училиштата, од истите причини кои се овде наведени. Кои се директни негативни последици? Додека да се створат предусловите (кои всушност, требаа да бидат први во редоследот на настаните) ќе поминат повеќе драгоцени месеци. На крај, кога децата ќе почнат да работат, пред себе ќе имаат компјутери кои се застарени две или три технолошки генерации!

И уште нешто: Ниту една од нашите добронамерни сугестии (сублимирани во овој документ) не беа прифатени! Имавме многу средби со министерот Ивановски, многу писма, изјави за соработка (по телевизии и весници) - и повторно ништо. како да не сме зборувале. Ова свое незадоволство јавно го искажавме и на деловниот појадок со Владата кој Сојузот на стопански комори го имаше неколку дена пред Новата 2008 година.
Една работа која ја забележав во вашиот текст е тоа дека комуницирате со Министерството за образование (кое всушност е и носител на набавката). Ние, во нашите контакти, во ниеден момент немавме контакти со ова министерство (освен можеби еднаш, со некакви ситни службеници кои не одлучуваат ништо). Се гледавме само со мин. Ивановски. Човек добива впечаток дека намерно погрешно не спојувале за да немаме влијание кое не им одговара.
На крај на постапката, зделката ја доби компанија која продава климатизери (со сета почит кон Фонко, но тие не се експертите), за голем срам на државата и македонската ИТ индустрија.

Еден момент кој може исто така да биде важен е следниов: неколку дена по објавувањето на добитникот на тендерот се намали стапката на ДДВ за компјутерска опрема на 5%. Не би било лошо да се побара податок со кој ДДВ е направен увозот, дали со новиот или со стариот. Разликата е пристојни скоро 4 милиони евра. Ако Владата ја уплатила сумата пред да се намали ДДВ-то, а познато е дека данокот се плаќа при увоз (кој сигурно се случил со новата стапка од 5%), дали добавувачот ќе ја врати разликата? Каде се парите? Во прилог на мислењето дека парите се веднаш префрлени е и благата паника да се ребалансира буџетот на државата за да се додадат 8-те милиони евра кои фалеа од оригиналната проценка (успат кажано, спротивно на Законот за јавни набавки во кој се вели дека не смее да се менува во тендер утврдената сума на јавната набавка). Во една збрка и трка, буџетот беше проширен и, верувам, веднаш потрошен.
Сепак, морам да кажам дека ова е само претпоставка и треба да се провери, но треба сигурно да се провери.

Еве го линкот до мојот претходен пост, ако сакате да го препрочитате.

1 comment:

  1. Уф... барем некој да одговара за ова доцнење. Цела администрација ни се амнестира само со едно „упс“, независно колку милиони тежела грешката на букусот.

    ReplyDelete