Иако не се сомневам во добронамерноста и стручноста на организаторите, и ја почитувам нивната напорна работа, еве го мојот одговор на нивната покана. Малку налутен, многу разочаран ...
Драги неостварени европјани,
Им го честитам европскиот ден на претприемачот на компаниите во Европската унија, им пожелувам просперитет и растеж, зголемување на профитот и голем успех. Нешто од што, сепак, сеуште не сме дел, а ниту ќе бидеме во далечна иднина.
Европската унија треба сериозно да се запраша за својот нефер однос кон Македонија.
Јас лично, 15 години наназад гледам некакви програми за развој и реформи, помош на претпријатијата и кредитни линии за македонското стопанство.
НО!
- Деновиве слушаме дека датумот за прием на Македонија во ЕУ е дури во 2012!
- Нашите граѓани и бизнисмени не можат слободно да патуваат во земјите на ЕУ, принудени се на најразлични понижувања во нејзините амбасади. ЕУ ни ги мачка очите со наводно олеснување на визниот режим од кој не видовме ништо. Сеуште треба да одам со фасцикла документи и венчален лист од баба ми за да добијам виза.
- Од друга страна - Србија, enfant terrible на Европа - доби визни олеснувања без никаков проблем.
- Бугарија и Романија влегоа во Европа без никаков критериум (освен политички) и сега се светлосни години пред нас.
- ЕУ дозволува да биде заложник на Грција во нејзината надворешна политика (ако воопшто такво нешто постои) во случајот со приемот на Македонија во НАТО, а изгледа дека така ќе биде и со приемот во ЕУ (ако до тоа воопшто некогаш дојде).
- Изгледа дека никогаш нема да ги достигнеме таканаречените стандарди, бидејќи тие постојано се поместуваат повисоко и повисоко.
- Како што изгледа, и Косово ќе го примат во ЕУ пред нас. Се` што треба да направат таму е да ги заплашат европјаните дека ќе направат немири. Овие, за да ги смират, веднаш ќе им дадат визни олеснувања, а веднаш потоа и членство во ЕУ. Така се одвиваат работите.
Јас лично, мојот бизнис престанав да го гледам како дел од Европа.
Едноставно, се изморив од чекање. Сега си продаваме наводни зделки самите на себе, си се лажеме дека компаниите ни растат, а всушност сме херметизирани во малиот круг и, како во стариот виц, важно е да ги вртиме парите, и ...
Затворени сме во малава земја, со постојано искризирана и лабилна економија, уште полабилна политика - појави на кои не малку влијае односот на ЕУ кон нас.
ЕУ дозволи САД да ни станат главен поддржувач и сојузник (фала им на САД) - тоа е земја од која не делат неколку мориња, континенти и цел океан. ЕУ треба да се замисли дали тоа не претставува пораз на нејзината политика кон Македонија.
Да ви кажам искрено, полека почнувам да станувам скептичен и да се прашувам дали воопшто вреди да се зезаме на овој начин. Дали не треба да си побараме економски и политички сојузници на друга страна. Кога веќе не не` сакаат во Европа, можеби друг ќе не сака. Или никој?
Срдечен поздрав,
Ванчо Орданоски
Одличен текст. ВО името на многу други кои се чуствуваат лошо поради игрите на европа.
ReplyDelete