Saturday, June 21, 2008

е-Трговија во Македонија - дел 2

Овој пост е всушност продолжение на моите претходни согледувања на состојбата на е-трговијата во Македонија.
Деновиве (јуни 2008), ИКТ комората организираше состанок на кој учествуваа претставници на банките во Македонија, како и претставник на Народната банка. Иако поканети, на состанокот не дојдоа претставниците на единствениот званично регистриран процесор на електронски трансакции во Македонија - CaSys.
Темата на овој состанок беше иницирање на соработката помеѓу ИТ компаниите и банките заради заживување на електронската трговија во нашата земја. Беше воспоставена работна група која ќе работи на идентификација на проблемите и начините да се решат. Бидејќи со состанокот претседавав јас, во можност сум од прва рака да изнесам некои од темите за кои се разговараше.

Започнавме така што на банките им ги пренесовме нашите желби колку е можно побрзо да ја оствариме соработката на овој план, бидејќи имаме голем притисок од нашите клиенти. Скоро и да нема ден а да не бидам контактиран од некој од моите корисници кој е подготвен да отвори „електронска продавница“. Бизнисот многу лесно ги „намирисува“ можностите за проширување, заштедата на пари која ја пружа ваквиот вид на трговија и релативната едноставност (барем во светот, ако сеуште не кај нас) и ниската инвестиција со која ова се постигнува.

Банките не се подготвени
Проблеми постојат, банките сеуште не се подготвени, а прашање е и дали ќе сакаат да инвестираат во овој вид на услуги, бидејќи, пред сè - потребни се вложувања од нивна страна за да можат технички, но и лиценцно да се опремат.
Имено, принципалите на кредитните картички кои тие ги застапуваат во Македонија (нпр. Мастеркард, Виза, итн.) бараат прилично големи средства за да им дозволат издавање на т.н. електронски POS-ови, т.е. извршување на трансакции со уплати преку интернет. Тука е и прашањето на техничка опременост на банките, воспоставување на можноста нивните авторизациски сервери да работат и со барања доставени преку интернет.
Состојбата со банкарството во Македонија е на такво ниво што банките, практично немаат конкуренција и слабо се заинтересирани да понудат нови продукти на своите корисници. Во моментов, побарувачката на пари од страна на населението и стопанството е далеку над понудата, па банките се чувствуваат комфорно и немаат поттик да создаваат нови начини за соработка - каква што е, на пример, понуда на трговски (merchant) акаунти на компаниите кои што сакаат да примаат уплати преку интернет.
Иако е добро што воопшто се појавија, почувствував извесна доза на недоверба и неподготвеност да се оди понатаму. Не им се даваат пари, па тоа е.
Исто така, мислам дека банките сметаат дека и кога евентуално би инвестирале, тоа нема да може да се исплати во догледно време. Од моја гледна точка, ова не е точно, затоа што дел од платниот промет сигурно ќе се префрли на ваков вид на работење, па во најлош случај нема да се изгуби на волуменот на прометот. А со можностите кои ги дава е-трговијата за лесно продавање и надвор од земјата, овој волумен само може да се зголеми.
Мора да се признае дека најголемиот број од трансакциите ќе биде од мала вредност, од неколку, до највеќе неколку стотини евра, но тоа би се надокнадило со зголемувањето на бројот на трансакции.

„Домашна“ верзија на е-трговијата
Една интересна идеја која може лесно и релативно брзо да се реализира, но која, за жал, може да функционира само за македонските државјани, е можноста да се искористи фактот што секој (или скоро секој) македонски државјанин има сопствена трансакциона сметка кај некоја од домашните банки. Нормално, и секоја македонска компанија има барем по една сметка во некоја од банките.
Исто така, банките се прилично опремени за електронски трансакции со овие сметки. Фирмите веќе поодамна можат да вршат трансакции од своите сметки преку услугите на електронскиот платен промет, а само сме на чекор и граѓаните да можат тоа истото да го прават (иако веќе и тоа постои, во форма на уплати на сметки за вода, струја и сл.).
Значи, а со ова се согласија и присутните банкари, не треба многу за да се овозможи електронско плаќање на внатрешно ниво, бидејќи, очигледно, странците кои сакаат да купуваат македонски производи и услуги немаат свои трансакциони сметки во нашите банки. Овие трансакции можат да бидат на две нивоа - business-to-customer (што би рекле - продажба „на мало“) и business-to-business, купопродажба помеѓу компании со директно плаќање на сајтот на продавачот.
Купувањето на пица или тонер преку интернет и не е така неможно во блиска иднина.

Вистинската работа
Но, овој начин на домашно затворени трансакции некако ја побива идејата за „демократичноста на е-трговијата“ - можноста и најситните трговци или производители да ги продаваат своите производи и услуги на било која точка на планетата. За тоа се потребни трансакции со кредитни картички.
За да се оствари ова - како што реков претходно - освен тоа што е потребно банките да добијат (купат) лиценца од своите принципали, тие треба и технички да се опремат: да им овозможат на своите авторизациски сервери за кредитни картички да процесираат барања доставени преку интернет (тоа се истите оние сервери кои и сега ги авторизираат вашите купувања во „продавниците од цигла“), а исто така и да овозможат на софтверските куќи „парчиња“ код за авторизација кој би го вградиле во електронските продавници на своите клиенти. Оваа технологија не е некоја вселенска филозофија, досега е употребена безброј пати во светот и не би требало да биде проблем ниту за банките ниту за софтверските компании.
Единствено, можеби, банките ќе треба додатно да вложат во „зацврстување“ на своите firewall-и и други безбедносни мерки за заштита на серверите. Хакерите никогаш не спијат.

Правна проблематика
Имаме активен закон за електронска трговија (PDF, „Сл. весник на РМ број 133“, се надевам дека линкот ќе работи), донесен кон крајот на 2007 година, но досега тој не е употребен „во живо“. Во неговата изработка учествувавме и ние од ИКТ комората, но сепак, мора да се испроба за да се види дали има проблеми.
Од друга страна, има и неколку формално-правни проблеми со други закони кои се одамна во употреба, особено во поглед на законската регулатива во случаи кога трговците (e-merchants) примаат уплати од странство за продадени стоки или услуги. Имено, за секоја ваква уплата, трговецот е должен пред Народната банка да поднесе потпишан договор од купувачот и фактура, што - очигледно - во електронски базираната трговија е практично невозможно.
Иако претставникот на НБРМ кој беше присутен на состанок не уверуваше дека овие пречки можат релативно лесно да се надминат, некако имам чувство дека ќе изникнат уште некои нови, досега неосознаени проблеми.

Исто така, би сакал да ги предупредам своите колеги од софтверските куќи да не им нудат на своите клиенти решенија со плаќања преку странски процесори какви што се PayPal и сличните, бидејќи тие трансакции се нелегални освен ако трговецот нема своја компанија во странство. А и тогаш, префрлањето на парите на домашна сметка е прилично комплицирано и поврзано со правни проблеми, но и со додатни трошоци за вршење на банкарски трансакции. Еден од проблемите, на пример, е како ќе се оправда продажбата на стока која излегла од Македонија, а е платена на странската сметка на претставништвото на трговецот? Нема директна набавно-продажна поврзаност. Прашање е и дали, и земјите во кои се претставништвата дозволуваат ваков вид на трансакции.
Знам дека некои домашни компании веќе влегувале во вакви авантури, но тоа што се провлекле под радарот на НБРМ не значи и дека се легални.

За крај, можам да заклучам дека има уште доста пат да се изоди за да се постигне целта.
Остана неистражено уште едно прашање, можеби и едно од клучните: колкава ќе биде провизијата на банките? Дали банките ќе ни станат „ортаци“ во електронските бизниси?
Но, како што рече еден од претставниците на банкарите, да причекаме прво да ги разрешиме предусловите, па потоа да преговараме за процентите.

3 comments:

  1. Темава на блогов е ужасна за читање вакви долги текстови. :(

    Фаќа едвај 25% од ширината и во еден ред има само по 3-4 збора.

    ReplyDelete
  2. Имаш право.
    Ете, ја проширив за 200 пиксели. Сега навистина се чита подобро.

    ReplyDelete
  3. Ванчо, јас мислам дека можен компромис е да се користи плаќање преку е-банкинг / трансакциска сметка за македонија и американски процесори за странство бидејќи на тој начин не се прекршува законот. Но она што недостасува во моментов е интегриран чекаут со банките - да може е-продавницата да ја пренесе преку XML / EDI да речеме описот на купената стока или услуги, метаподатоци, крајна сума која би го редиректирала купувачот кон порталот на банката каде што со најава ја потврдува трансакцијата. Доколку се остави на мануелно внесување на средства во сегашните е-банкинг портали ќе изгубиме многу порачки особено имајќи ги во предвид дека се губи целата маркетиншка тактика на импулсивно купување.

    Работа која не е спомната во текстот е плаќање преку мобилни телефони и поштенски услуги кои би се интегрирале со продавниците (следење на пратки и слично).

    Апсолутно се сложувам за ригидноста на НБМ, не дај боже да продаваш 1000 производи дневно со единечна цена еден долар на 1000 различни луѓе.

    ReplyDelete