Showing posts with label Економија. Show all posts
Showing posts with label Економија. Show all posts

Monday, December 10, 2012

Како се мафтаат корисници...

На сајтот на една домашна софтверска куќа, прочитав рекламна порака за нивниот производ - „УБЕДЛИВО НАЈПРОФЕСИОНАЛЕН ПРОГРАМСКИ ПАКЕТ“.
Според неа, најголемата предност на пакетот е:

„Ако внесувате испратница од еден во друг магацин, продавница или фактура тогаш брзо и едноставно внесувате само излезна испратница и HELIX автоматски место Вас ќе креира идентична влезна приемница во магацинот или продавницата, ќе ги ажурира материјалните картици на сите производи во двата магацини, трговските книги во магацините и продавницата, автоматски ќе го задолжи купувачот доколку документот е фактура и сите овие промени ќе ги искнижи автоматски во финансово со ажурирање на сите потребни аналитички, финансови и синтетички картици, бруто биланс, рекапитулар и заклучни листови.“
Иако реченицата е далеку предолга за да биде разбирлива за нормален човек, ја „разглобив“ на составни делови за да видиме што, всушност, кажуваат во неа:

Tuesday, August 07, 2012

Дефиниција на „Вистински СкС“

Е-Облак?

Што, всушност, е „е-облакот“? Тоа е начин на користење на мрежа на оддалечени компјутерски сервери кои се приклучени на Интернет, за да се чуваат, управуваат и обработуваат податоците. Некои го изедначуваат е-облакот со Интернет, но тоа не е сосема точно. Интернет е многу поширок поим, збир на многу повеќе технологии, протоколи и парадигми од оние кои ги опфаќа е-облакот. Ние го предлагаме терминот „е-облак“, иако е нарекуван, на англиски, но и одомаќено кај нас, само „cloud“ или „cloud computing“. Трошоците за употреба на е-облакот се значително помали и тој многу полесно се прилагодува на зголемувањето/намалувањето на потребите од процесна сила (или, што би рекле, лесно „скалира“). Зошто е тоа така? Затоа што компјутерските ресурси се консолидирани и делливи помеѓу корисниците, станувајќи на тој начин многу поефикасни, а притоа одржувајќи високо ниво на безбедност и заштита на податоците.

Friday, June 22, 2012

Microsoft Surface: Збирка на проценки и мислења од водечките светски технички сајтови


Иако сеуште не се знае сѐ (денес се дозна цената, $600 за почетниот модел), мислењата се поделени дали таблетот ќе успее. 
Внимавајте, не дали ќе го надмине iPad - нема, туку дали воопшто ќе има доволна продажба за да опстане на пазарот.
Конкуренцијата му е огромна, од гигантот Apple со iPad, преку Kindle Fire на Amazon, па сѐ до многуте останати Android-базирани уреди...
Да се потсетиме, Apple произведува и продава 56 милиони уреди во календарска година! И воглавно, сите се продадени... Тоа е економија на големи броеви која тешко дека ќе биде достигната во релативно краток рок, од година-две...

Wednesday, May 30, 2012

Зошто SAP најчесто успева во имплементација?


Јас, основната вредност на SAP ја гледам од малку поинаков агол, а базирано на моето досегашно искуство со ERP системи и нивното воведување кај различни клиенти.
Имено, основен проблем од страна на клиентот е прифаќањето на новите правила за извршување и контрола на бизнис-процесите во компанијата.
ERP софтверот има голема улога во ова, бидејќи тоа е едното од неговите основни (и задолжителни) својства.

Saturday, October 30, 2010

Интернет е мртов! Да живее новиот Интернет!

Добродојдовте во светот на новиот Интернет, онаков каков што не го познавате, Интернет во кој ќе плаќате различно во зависност од тоа какви содржини или податоци ви протекуваат до вашите домови, компании, фиксни и мобилни уреди ...
Едноставно, моќта која ја дава инстантната комуникација и можност за поврзување, без оглед на далечината, видот на уредот, производителот, сѐ додека сите зборуваат со истиот протокол, е преголема.

Моќните држави и големите компании уште од поодамна го „намирисаа“ ова и подолго време се подготвуваат за експлоатирање, монетизирање и запоседнување на комуникациите. Ние сме само немоќни набљудувачи и идни среќни потрошувачи на новиот, раслоен и распределен Интернет.
Нет-неутралноста, а со тоа и Интернетот каков што го познаваме, умира!

Thursday, October 14, 2010

еТрговија: Емоциите на купувачите се клучни

Постојат многу метрики кои се важни во бизнисот на продажба на Интернет: посетеност, позиција во однос на конкуренцијата, комплетност на понуда, итн.

Но, едно е најважно: конверзија на посетите. Всушност, се работи за процентот на посетители на е-продвницата кои навистина и купиле нешто од неа, бидејќи основниот raison d'être на продавницата е -- да продава.

Општо е познато дека овој процент на конверзија е низок, и тоа не само во Македонија (каде што е особено низок), туку и во целиот свет. Интернет трговците се во постојана борба да ја зголемат конверзијата, на било кој начин.
Уште полошо, многу е ниска конверзијата и кај купувачите кои веќе се одлучиле да купат -- дури 70% од нив го прекинуваат процесот на купување во некој од следните чекори.

Прашањето е: Зошто ова се случува? Зошто купувачите ретко решаваат да купат, а и тогаш кога ќе решат, во голем процент се откажуваат скоро веднаш потоа.

Wednesday, October 13, 2010

Илегална интернет култура (updated)

Во последно време и македонските фирми поинтензивно почнаа да ја користат моќта на Интернет-маркетингот (добро утрооо, доцните 10 години!). Полека, но сигурно, стануваме жртви на спамирање на македонски јазик, од македонски компании.
На различни -- воглавно илегални -- начини, се доаѓа до email листи на потенцијалните жртви-приемачи на пораката. Бидејќи повеќето вакви спамови се наменети за бизниси, мислам дека изворите се разните „бизнис-адресари“, списоци на присутни на конференции, здруженија на стопанственици и слично. За малку пари, службениците кои се во допир со овие податоци, лесно ги препродаваат на свежо маркетиншки-освестените претприемачи.
Со тоа, и двете страни директно го кршат законот за заштита на податоците. Особено се виновни компаниите, затоа што тие се поттикнувачите и корисниците на илегално набавените адресари.
Во својата кратковидост не разбираат дека многу лесно можат да бидат предмет на тужби од неволните приемачи на нивните понуди. (Почнувам да размислувам дека треба да позборувам со мојот адвокат, да истужиме некого за пример).

Saturday, June 19, 2010

Пресметка на цена на изработка на IT проект

Како да се пресмета колку чини изработката на проект за имплементација на ERP софтвер?
Варијабли и фактори кои влијаат на пресметката има многу, од директни трошоци, преку трошоци за работната сила, и на крај, она најтешкото -- колку чини вложениот интелектуален труд? И тоа, не само во проектот, туку како да се пресмета вистинската вредност на целото 25-годишно искуство, квалитетот, сеопфатноста и длабочината на сѐ она што се вградува во апликацијата?
Модерно едуцираните MBA стручњаци ќе ви опишат, дијаграмираат и образложат сто разни техники за пресметка, а јас велам само едно: „зависи“.

Зависи од тоа дали се работи за локално опфаќање на (на пример) „обична“ трговска фирма, или некоја посериозна апликација. Колку сериозна? За колкава фирма? Што сѐ опфаќа? Колку корисници ќе ја употребуваат? Како стои купувачот со пари (колку реално сака да плати)? Како стојат работите кај нас, во Македонија?

Tuesday, May 11, 2010

Плата на програмери во Македонија

Како продолжение на мојот претходен пост, а и големото интересирање за темава на форумите на it.com.mk, еве еден преглед на платите на програмери кои денес се постигнуваат во Македонија.
Ве молам да имате предвид дека ова во никој случај не е правило, туку повеќе пресек на она што постои. Значи, платите можат да варираат и нагоре и надолу, зависно од компанијата, нејзината успешност, но и стопанските фактори (криза/подем/стагнација).

Saturday, May 08, 2010

Кои се факторите кои влијаат на височината на платата на програмерите во Македонија

Да се подигнеме 50 метри над дискусиите дека платите се ниски и -- од птичја перспектива -- да се обидеме да разбереме зошто се платите на програмерите во Македонија мали, споредено со оние во, на пример, Западна Европа.

Значи, кои се факторите кои влијаат на височината на платата на програмерите?
1. Трудот е стока, подложна на законите на понуда и побарувачка -- колку поголема понуда на програмери, толку пониска цена на нивниот труд.
Ако почнеме со аксиомата: подобар квалитет == поголема плата, и тврдењето дека платите се ниски, тогаш произлегува дека најголема понуда на програмерскиот пазар на труд во Македонија има во ниско-квалитетниот сегмент, т.е. помалку искусни или недоволно способни програмери.

Wednesday, April 28, 2010

Катастрофата со здравствената картичка

Со својот „маќејски“ однос (во недостаток на подобар збор) кон сопствените граѓани и домашните ИТ компании, оваа влада направи уште еден престап со изборот на компанијата која ќе го изведува системот за „здравствената електронска картичка“ (можеби овој израз не е баш точен, но мислам дека знаете на што мислам).

Избрана е некаква хрватска фирма која наводно ќе го изведе проектот. Македонските компании, со самите услови на тендерот, однапред беа исклучени. Ај, да речеме дека до тука и можам да разберам - имале хрвативе искуство (иако не знаеме колкаво, ама белким провериле овие нашиве). За тоа подоцна.

Sunday, March 28, 2010

Модерен информативен систем - ERP

Малку историја

1985.
Јас, млад систем-администратор, работев во компјутерскиот центар на една голема трговска фирма. Големи шкафови полни со чувствителна опрема, климатизер од 18 KW (за опремата, не за нас), терминали со зелени букви, змиско гнездо од кабли и огромни линиски принтери ...
Вработените местото го нарекуваа „Епицентар“ (од кратенката ЕПЦ -- Електронски Пресметковен Центар).
И вистина беше епицентар. Тука се чуваа сите податоци, се вршеа обработки, се печатеа прегледи. Ние бевме чувари и одржувачи, посветени во тајните на податоците и познавачи на ритуалите и индијанските танци за да ги извлечеме потребните информации ...
2010.
Мобилниот телефон во мојот џеб има трипати поголема процесорска сила од комплетниот некогашен моќен „Епицентар“.
Податоците се насекаде, можат да бидат достапени од било кое место, со помош на десетици различни уреди.
Се` е во „облакот“, се` е драстично променето.
Драстични промени бараат драстично нови начини за чување и обработка на податоците. И уште подрастично различен софтвер за нивно извлекување, прикажување и анализирање.

Wednesday, January 07, 2009

Светската економија - црни прогнози за 2009

Секоја година, стратешкиот тим на Saxo Bank – виртуелна банка базирана во Данска, издава своја листа на 10 најлоши предвидувања на светските берзи и пазари. Во претходните години, нивните предвидувања се покажувале како точни во над 80% од случаите.
Нафатата со цена од 25$ за барел. Standard & Poor берзанскиот индекс ќе падне за 50% на вредност од 500 поени. Растот на БДП во Кина паѓа на нула. Односот на еврото со доларот паѓа на 0,95. Италија ја напушта евро-зоната. Ако овие предвидувања се остварат, тогаш економските услови драматично ќе се влошат во 2009. Сепак, главниот економист на банката, Дејвид Карсбол, има (некакво) утешување: „Добра работа е што, сè на сè, предвидуваме дека 2009 ќе биде пресвртна, бидејќи не може да биде полошо од ова“.

[Кликнете на „Читај повеќе“ за да ги видите предвидувањата...]

Предвидувањата во целост:
  1. Во Иран ќе има големи социјални нереди, бидејќи ниските цени на нафтата значат дека владата нема да биде во состојба да ги обезбеди основните потреби на државата и нејзините жители.
  2. Цената на суровата нафта ќе падне на 25$, како резултат на најголемата контракција на економијата уште од времето на големата Депресија.
  3. Индексот S&P ќе падне за 50%, на 500 поени, поради намалените профити, намалувањето на вредноста на домовите и растечката цена на капиталот во корпоративниот сектор.
  4. Европската Унија најверојатно ќе почне да ги казнува земјите-членки со преголем државен буџетски дефицит, а Италија ќе ги оствари заканите дека сосема ќе ја напушти евро-зоната.
  5. Односот помеѓу Австралискиот долар и Јапонскиот јен ќе падне на 40. Опаѓањето на вредностите на пазарот на стоки ќе ја зафати австралиската економија.
  6. Односот на еврото со американскиот долар ќе падне на 0,95, а потоа ќе порасне на 1,30 поради тоа што билансите на европските банки се под голем притисок заради преголемо изложување кон потклекнатите Источно-европски пазари и внатре-европски економски тензии.
  7. Кинескиот БДП ќе падне на нула. Извозно ориентираните сектори на Кинеската економија значително ќе страдаат од економскиот слободен пад во кој се наоѓа глобалната трговија на стоки, особено онаа во САД.
  8. Неколку од Источно-европските валути кои се потполно поврзани или полу-поврзани со еврото ќе бидат под зголемен притисок поради значителниот одлив на капитал во 2009.
  9. CRB индексот на Ројтерс/Џефрис ќе падне на 30% од сегашната вредност. Балонот на пазарот на стока пука, со шпекулативни вишоци кои се толку големи, што ја искривуваат статистиката на понуда и побарувачка.
  10. Во 2009 ќе се појават првите азиски валути кои ќе се поврзат со Кинескиот јуан. Азиските економии сè повеќе ќе се свртуваат кон Кина за изнаоѓање на нови трговски партнери и ќе ја намалуваат сегашната САД-центрична агенда.
Дејвид Карсбол, Раководителот на стратегии во Саксо Банката, коментира:
„Не е претерано да се каже дека ова е најлошата економска криза воопшто. За жал, ние досега бевме сосема прецизни во скоро сите предвидувања од минатата година. Она што тогаш беше навидум претерано, сега е вообичаено“, вели Карсбол.
„Во година кога пазарите и економиите флуктуираа пошироко од било кога, ништо не изгледа неверојатно или невообичаено. Веруваме дека 2009 ќе биде исто толку непредвидлива и ги направивме десетте претерани предвидувања, фокусирајќи се пред сè на она што може да им се случи на светските индекси и валути.“.
„Во 2008, предвидовме дека индексот S&P ќе падне за 25%, а тој падна многу повеќе од тоа, цените на нафтата стигнаа многу блиску до предвидените 175$, а растот на економијата на Велика Британија се сврте во негативен. Којзнае кои од нашите предвидувања ќе се покажат како точни, но судејќи по претходните години, некои од нив сигурно ќе се остварат“, додаде тој.

Saturday, June 21, 2008

е-Трговија во Македонија - дел 2

Овој пост е всушност продолжение на моите претходни согледувања на состојбата на е-трговијата во Македонија.
Деновиве (јуни 2008), ИКТ комората организираше состанок на кој учествуваа претставници на банките во Македонија, како и претставник на Народната банка. Иако поканети, на состанокот не дојдоа претставниците на единствениот званично регистриран процесор на електронски трансакции во Македонија - CaSys.
Темата на овој состанок беше иницирање на соработката помеѓу ИТ компаниите и банките заради заживување на електронската трговија во нашата земја. Беше воспоставена работна група која ќе работи на идентификација на проблемите и начините да се решат. Бидејќи со состанокот претседавав јас, во можност сум од прва рака да изнесам некои од темите за кои се разговараше.

Започнавме така што на банките им ги пренесовме нашите желби колку е можно побрзо да ја оствариме соработката на овој план, бидејќи имаме голем притисок од нашите клиенти. Скоро и да нема ден а да не бидам контактиран од некој од моите корисници кој е подготвен да отвори „електронска продавница“. Бизнисот многу лесно ги „намирисува“ можностите за проширување, заштедата на пари која ја пружа ваквиот вид на трговија и релативната едноставност (барем во светот, ако сеуште не кај нас) и ниската инвестиција со која ова се постигнува.

Банките не се подготвени
Проблеми постојат, банките сеуште не се подготвени, а прашање е и дали ќе сакаат да инвестираат во овој вид на услуги, бидејќи, пред сè - потребни се вложувања од нивна страна за да можат технички, но и лиценцно да се опремат.
Имено, принципалите на кредитните картички кои тие ги застапуваат во Македонија (нпр. Мастеркард, Виза, итн.) бараат прилично големи средства за да им дозволат издавање на т.н. електронски POS-ови, т.е. извршување на трансакции со уплати преку интернет. Тука е и прашањето на техничка опременост на банките, воспоставување на можноста нивните авторизациски сервери да работат и со барања доставени преку интернет.
Состојбата со банкарството во Македонија е на такво ниво што банките, практично немаат конкуренција и слабо се заинтересирани да понудат нови продукти на своите корисници. Во моментов, побарувачката на пари од страна на населението и стопанството е далеку над понудата, па банките се чувствуваат комфорно и немаат поттик да создаваат нови начини за соработка - каква што е, на пример, понуда на трговски (merchant) акаунти на компаниите кои што сакаат да примаат уплати преку интернет.
Иако е добро што воопшто се појавија, почувствував извесна доза на недоверба и неподготвеност да се оди понатаму. Не им се даваат пари, па тоа е.
Исто така, мислам дека банките сметаат дека и кога евентуално би инвестирале, тоа нема да може да се исплати во догледно време. Од моја гледна точка, ова не е точно, затоа што дел од платниот промет сигурно ќе се префрли на ваков вид на работење, па во најлош случај нема да се изгуби на волуменот на прометот. А со можностите кои ги дава е-трговијата за лесно продавање и надвор од земјата, овој волумен само може да се зголеми.
Мора да се признае дека најголемиот број од трансакциите ќе биде од мала вредност, од неколку, до највеќе неколку стотини евра, но тоа би се надокнадило со зголемувањето на бројот на трансакции.

„Домашна“ верзија на е-трговијата
Една интересна идеја која може лесно и релативно брзо да се реализира, но која, за жал, може да функционира само за македонските државјани, е можноста да се искористи фактот што секој (или скоро секој) македонски државјанин има сопствена трансакциона сметка кај некоја од домашните банки. Нормално, и секоја македонска компанија има барем по една сметка во некоја од банките.
Исто така, банките се прилично опремени за електронски трансакции со овие сметки. Фирмите веќе поодамна можат да вршат трансакции од своите сметки преку услугите на електронскиот платен промет, а само сме на чекор и граѓаните да можат тоа истото да го прават (иако веќе и тоа постои, во форма на уплати на сметки за вода, струја и сл.).
Значи, а со ова се согласија и присутните банкари, не треба многу за да се овозможи електронско плаќање на внатрешно ниво, бидејќи, очигледно, странците кои сакаат да купуваат македонски производи и услуги немаат свои трансакциони сметки во нашите банки. Овие трансакции можат да бидат на две нивоа - business-to-customer (што би рекле - продажба „на мало“) и business-to-business, купопродажба помеѓу компании со директно плаќање на сајтот на продавачот.
Купувањето на пица или тонер преку интернет и не е така неможно во блиска иднина.

Вистинската работа
Но, овој начин на домашно затворени трансакции некако ја побива идејата за „демократичноста на е-трговијата“ - можноста и најситните трговци или производители да ги продаваат своите производи и услуги на било која точка на планетата. За тоа се потребни трансакции со кредитни картички.
За да се оствари ова - како што реков претходно - освен тоа што е потребно банките да добијат (купат) лиценца од своите принципали, тие треба и технички да се опремат: да им овозможат на своите авторизациски сервери за кредитни картички да процесираат барања доставени преку интернет (тоа се истите оние сервери кои и сега ги авторизираат вашите купувања во „продавниците од цигла“), а исто така и да овозможат на софтверските куќи „парчиња“ код за авторизација кој би го вградиле во електронските продавници на своите клиенти. Оваа технологија не е некоја вселенска филозофија, досега е употребена безброј пати во светот и не би требало да биде проблем ниту за банките ниту за софтверските компании.
Единствено, можеби, банките ќе треба додатно да вложат во „зацврстување“ на своите firewall-и и други безбедносни мерки за заштита на серверите. Хакерите никогаш не спијат.

Правна проблематика
Имаме активен закон за електронска трговија (PDF, „Сл. весник на РМ број 133“, се надевам дека линкот ќе работи), донесен кон крајот на 2007 година, но досега тој не е употребен „во живо“. Во неговата изработка учествувавме и ние од ИКТ комората, но сепак, мора да се испроба за да се види дали има проблеми.
Од друга страна, има и неколку формално-правни проблеми со други закони кои се одамна во употреба, особено во поглед на законската регулатива во случаи кога трговците (e-merchants) примаат уплати од странство за продадени стоки или услуги. Имено, за секоја ваква уплата, трговецот е должен пред Народната банка да поднесе потпишан договор од купувачот и фактура, што - очигледно - во електронски базираната трговија е практично невозможно.
Иако претставникот на НБРМ кој беше присутен на состанок не уверуваше дека овие пречки можат релативно лесно да се надминат, некако имам чувство дека ќе изникнат уште некои нови, досега неосознаени проблеми.

Исто така, би сакал да ги предупредам своите колеги од софтверските куќи да не им нудат на своите клиенти решенија со плаќања преку странски процесори какви што се PayPal и сличните, бидејќи тие трансакции се нелегални освен ако трговецот нема своја компанија во странство. А и тогаш, префрлањето на парите на домашна сметка е прилично комплицирано и поврзано со правни проблеми, но и со додатни трошоци за вршење на банкарски трансакции. Еден од проблемите, на пример, е како ќе се оправда продажбата на стока која излегла од Македонија, а е платена на странската сметка на претставништвото на трговецот? Нема директна набавно-продажна поврзаност. Прашање е и дали, и земјите во кои се претставништвата дозволуваат ваков вид на трансакции.
Знам дека некои домашни компании веќе влегувале во вакви авантури, но тоа што се провлекле под радарот на НБРМ не значи и дека се легални.

За крај, можам да заклучам дека има уште доста пат да се изоди за да се постигне целта.
Остана неистражено уште едно прашање, можеби и едно од клучните: колкава ќе биде провизијата на банките? Дали банките ќе ни станат „ортаци“ во електронските бизниси?
Но, како што рече еден од претставниците на банкарите, да причекаме прво да ги разрешиме предусловите, па потоа да преговараме за процентите.

Saturday, March 15, 2008

е-Трговија во Македонија - да или не?


Ова се моите размислувања за состојбата и можностите за отворање на е-Продавница во Македонија. Ги пишував како рационализација за програмирање на еден плагин во рамките на Македонскиот Wordpress тим. Мислам дека е интересно да се постави и овде (во благо едитирана форма).
(…продолжете да читате после скокот…)

Се стекнаа услови?

Да, мислам дека кај нас, во Македонија, конечно се стекнаа сите услови за воспоставување на е-Продавници во вистински смисол на зборот. Да видиме: има законски решенија, доволно кредитни картички, а сметам дека и трговците полека се освестуваат.

Најважно, во втората половина на 2007 конечно се спуштија цените на broadband достапот до Интернет. Овој тренд би требало да продолжи во втората половина на оваа, 2008, година, бидејќи очекуваме дотогаш да профункционираат новите Wi-Max оператори. Тоа ќе створи нов притисок на постоечките провајдери да ги спуштат цените. Зошто е ова „најважно“? Затоа што многу корисници на Интернет, значи и многу потенцијални купувачи. А тоа е она по што продавачите ќе се затрчаат.

„Пластиката“ стана нормална работа, луѓето разбираат што значи тоа да платиш со кредитна картичка, а веќе се достапни секому и доволно раширени (можеби и премногу, но тоа е друга приказна).

Што има готово?

Во моментов работам на два сајта со е-Продавници. И ниеден не е со Wordpress. Користам Zen Cart, а постојат и други: пра-дедото на многу други решенија OS-commerce, па Magento, CreLoaded и да не набројувам понатаму, прогуглајте малку и ќе најдете уште мал милион.
Сите овие (освен можеби Magento, но тој е сеуште во бета) имаат одлични шопинг кошнички, очајно се структурирани, дешператно организирани во поглед на темплејтите, а многу им фали токму она што го има Wordpress - добар систем за оставање на други информации, постови и слично.
Имено, се покажува дека компаниите кои сакаат да продаваат, сакаат да поостават и други информации на своите сајтови - за себе, упатства, најави, knowledge base, итн. И тоа да биде лесно, едноставно и без програмери.
Како што реков претходно, има само еден колку-толку употреблив плагин на компанијата Instinct, но нивниот сајт изгледа мртво веќе повеќе месеци и нема никаква поддршка. Освен тоа, плагинот нема „приклучоци“ за нашите банки и процесори, а му недостасуваат и одредени опции.
Се обидов да контактирам со нив уште пред три-четири месеци, но не добив никаков одговор.
Треба да го разгледаме овој плагин и можеби да се надградиме на него, иако имам и други идеи за тоа што би можеле да опфатиме. Но, за тоа во друг пост.

Проблеми, проблеми

О, не е сè совршено, има проблеми:

  • Прво, нема солиден, над-банкарски процесор на трансакции. Велам „солиден“, па не ми го споменувајте „CaSys“ - тука е веќе над две години (ако добро се сеќавам), и сеуште нема направено ниеден чекор да воспостави процесирање.

  • Натаму, и банките сеуште не се многу заинтересирани за отворање на трговски (merchant) акаунти за продавачите. Она што го нудат е со огромни провизии (над 5,6, па дури и 7%). Преку ИКТ Комората ја притискаме Владата (сега веќе не знам која) за да ги притиска банките да олабават малку.

  • Нема воспоставени посреднички (escrow) компании. Знаете, она кога никој никому не верува: јас ги давам парите на чување кај посредникот, кој му ги дава на продавачот дури кога ќе потврдам дека сум ја примил стоката што сум ја купил.

  • Интернет провајдерите, особено хостингот кој го нудат, се очајни. Погледнете ги пакетите кои ги нудат, па ќе ви стане јасно (Првиот употреблив пакет на мт.нет, на пример, чини 11.000 денари годишно, скоро двојно од странците). Но, тука се помрднува работата по малку, а секогаш ни остануваат и добро етаблираните странски хостинг компании. Да живее Интернет демократијата!


Thursday, February 07, 2008

Тендер за набавка на компјутери за учениците - каде се пропуштените шанси? (Втор дел)


Во продолжение е даден текст кој јас го пишував во 2007 година, веднаш после објавувањето на „Тендерот за набавка на компјутер за секое дете“. На овој додатен пост се одлучив после објавувањето на извештај во весникот „Вест“ во кој се анализира денешната состојба на проектот.
Сите дадени анализи и факти важат и ден-денес, и уште повеќе, се покажаа како точни.
Денес, имаме ситуација дека се доцни со инсталацијата на компјутерите по училиштата, од истите причини кои се овде наведени. Кои се директни негативни последици? Додека да се створат предусловите (кои всушност, требаа да бидат први во редоследот на настаните) ќе поминат повеќе драгоцени месеци. На крај, кога децата ќе почнат да работат, пред себе ќе имаат компјутери кои се застарени две или три технолошки генерации!

И уште нешто: Ниту една од нашите добронамерни сугестии (сублимирани во овој документ) не беа прифатени! Имавме многу средби со министерот Ивановски, многу писма, изјави за соработка (по телевизии и весници) - и повторно ништо. како да не сме зборувале. Ова свое незадоволство јавно го искажавме и на деловниот појадок со Владата кој Сојузот на стопански комори го имаше неколку дена пред Новата 2008 година.
Една работа која ја забележав во вашиот текст е тоа дека комуницирате со Министерството за образование (кое всушност е и носител на набавката). Ние, во нашите контакти, во ниеден момент немавме контакти со ова министерство (освен можеби еднаш, со некакви ситни службеници кои не одлучуваат ништо). Се гледавме само со мин. Ивановски. Човек добива впечаток дека намерно погрешно не спојувале за да немаме влијание кое не им одговара.
На крај на постапката, зделката ја доби компанија која продава климатизери (со сета почит кон Фонко, но тие не се експертите), за голем срам на државата и македонската ИТ индустрија.

Еден момент кој може исто така да биде важен е следниов: неколку дена по објавувањето на добитникот на тендерот се намали стапката на ДДВ за компјутерска опрема на 5%. Не би било лошо да се побара податок со кој ДДВ е направен увозот, дали со новиот или со стариот. Разликата е пристојни скоро 4 милиони евра. Ако Владата ја уплатила сумата пред да се намали ДДВ-то, а познато е дека данокот се плаќа при увоз (кој сигурно се случил со новата стапка од 5%), дали добавувачот ќе ја врати разликата? Каде се парите? Во прилог на мислењето дека парите се веднаш префрлени е и благата паника да се ребалансира буџетот на државата за да се додадат 8-те милиони евра кои фалеа од оригиналната проценка (успат кажано, спротивно на Законот за јавни набавки во кој се вели дека не смее да се менува во тендер утврдената сума на јавната набавка). Во една збрка и трка, буџетот беше проширен и, верувам, веднаш потрошен.
Сепак, морам да кажам дека ова е само претпоставка и треба да се провери, но треба сигурно да се провери.

Еве го линкот до мојот претходен пост, ако сакате да го препрочитате.

Tuesday, December 11, 2007

Колку пазарот е ингениозен (?)

Многу забавно, на сериозна тема. Да не заборавиме дека и цената на нафтата, на пример, се качува според истите „пазарни закони“