Friday, January 23, 2009

Одржан состанокот за информатика во образованието

Во мојот претходен пост, ги наведов тезите со кои требаше да настапиме на состанокот (поточно, деловниот ручек) со министрите за информатика и за образование, Иво Ивановски и Петар Стојановски.
Текстот кој го објавив, во скоро неизменета форма (само со пропратно писмо), им го испратив на двајцата министри, во обид да им ги предочам нашите ставови пред да почнеме да дискутираме, а со самото тоа, дискусијата да биде пофокусирана и поефикасна.
Како што беше и предвидено, ручекот бидна.


[Кликнете на „Читај повеќе“ за да прочитате како помина...]

За жал, поради неодложни приватни обврски, во последен момент го откажав моето учество. Сепак, беа присутни повеќе од 25 претставници од ИКТ комората, на чело со заменикот претседател, г-дин Саша Огненовски, од „ФорНет Компјутерс“ - Скопје.
Се разбира, следниот ден се сретнавме со Саша и веднаш го прашав како поминале. Според она што ми го кажа, министрите, практично од збор до збор ги повториле нашите „тези“ и ги претставиле како своја политика. Што не е лошо, изгледа дека сме ја погодиле работата. Или тие не размислиле доволно за свои предлози.
И така, фино си ручале, се сложиле за сè, и си заминале.
*
И сè би било во ред, да не беше изјавата на министерот Стојановски која ја видов на телевизија, а која ја дал за време на настанот. Имено, министерот изјави дека на училиштата им е „наложено“ да почнат со примена на компјутерите во наставата уште од средината на оваа недела. Како да сме во Русија во 1930, па петолетката мора да се оствари, бидејќи така e „наложено“ одозгора.
Како тоа да почнат, наш министре? Со кој софтвер, со која обука, со која поддршка? Што им обезбеди вашето министерство, какви услови? Како очекувате наставниците да ви бидат лојални, кога претходниот месец им ја расплакавте мамата мамина, за време на штрајкот? Сигурен сте дека тие луѓе, кои безмалку ги прогласивте за криминалци, сега ќе „гинат“ за да го обелат образот на министерството?
*
Катастрофата која започна уште пред објавувањето на несреќниот тендер за 100.000 компјутери, со редица на особено лоши, неразмислени и избрзани одлуки. Нив, и јас како поединец, и како ИКТ комора, опширно и аргументирано ги критикувавме и побивавме. Кога ќе размислам подобро, и ако баш се запнеме да лоцираме вина, тогаш таа е директно кај Министерството за образование. Мислам дека г-дин Иво Ивановски е прилично „наместен“ во целата ситуација, да биде „дежурен виновник“, само затоа што е „компјутерџија“. Целиот калабалак, или барем 90% од него, го организира и спроведува Министерството за образование, со минатиот и сегашниов министер на чело. Колку да се знае.

No comments:

Post a Comment